• среда, 25 декември 2024

Во Кратово се реализира проект за заштита и мониторинг на локалитетот Куклица

Во Кратово се реализира проект за заштита и мониторинг на локалитетот Куклица
Крива Паланка, 12 јули 2021 (МИА) – Со проект поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, здружението „Извор“ од Кратово ќе спроведе следење на евентуалните деструктивни промени на познатиот геолокалитет „Куклица“ со цел тој да биде сочуван за идните генерации. - Здружението „Извор“ од Кратово е во процес на имплементација на проектот под наслов „Мониторинг на природно наследство на споменик на културата Куклица“ кој се реализира во рамките на Програмата за инвестирање во животната средина за 2021 година при Министерството за животна средина и просторно планирање на РС Македонија. Во проектот ќе се спроведува прибирање и анализа на постојните литературни податоци за гео-вредностите на локалитетот, изработка стручна документација, споредбена анализа на гео-појавите и анализа на документи, теренска проекција, истражување и мапирање на значајни закани, изработка на фото-документација и дигитални карти за природните и културни вредности, и друго, изјави Милош Димитровски, координатор на проектот од „Извор“, Кратово. Во рамки на проектот ќе биде изготвен и извештај на мониторинг со користење на најсовремените достапни методи. - Просторот што е предмет на истражување во оваа проектна активност е геолокалитетот Куклица, лоциран десет километри северозападно од Кратово, на десната долинска страна на Крива река, во маалото Долна Куклица. Овој локалитет се наоѓа на надморска височина од 415-435 метри во површина од околу 45 хектари. Се наметнува потребата од функционална и вистинска заштита и следење на евентуалните деструктивни промени, мониторинг, на овој геолокалитет, со цел тој да биде сочуван за идните генерации, дополни Димитровски. ид/ки/

Остани поврзан