Во Кочани се одржа 13. републичка ревија на песни, музика и игри на Сојузот на здруженија на пензионери
- Здружението на пензионери од Кочани денеска беше домаќин на 13. Републичка ревија на песни, музика и игри, чиј организатор е Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ).
Кочани, 6 јуни 2023 (МИА) – Здружението на пензионери од Кочани денеска беше домаќин на 13. Републичка ревија на песни, музика и игри, чиј организатор е Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ).
На манифестацијата настапија над 450 пензионери фолклористи од 26 културно-уметнички групи на пензионерските здруженија, што се избрани како најдобри учесници на претходно одржаните осум регионални ревии во државата.
-Првпат ревијата се одржува во Кочани, затоа што овдешното Здружение на пензионери во изминатите години се покажа како добар домаќин на регионалните ревии. Во текот на мај се одржаа регионалните ревии во осум градови на кои настапија 56 здруженија, а овде ги имаме најдобрите. Нашата основна цел е преку ваквите манифестации да ги сочуваме националните фолклорни обележја, а од ревијата во Кочани ќе избереме две или три најдобри здруженија кои ќе ја претставуваат државата на Меѓународниот фестивал на третото животно доба во Љубљана, Словенија, истакна Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери.
Претседателката на Здружението на пензионери од Кочани Јелица Зафирова изрази благодарност за довербата да бидат домаќини на најдобрите фолклористи од државата, со надеж дека нивната фолколорна група ќе биде дел од претставниците на меѓународниот фестивал.
Од Комисијата за културно-забавен живот при СЗПМ истакнаа дека ќе почекаат да се одржат и републичките спортски пензионерски игри, по што за десетина дена ќе биде познато кои фолклорни групи ќе учествуваат на фестивалот во Словенија. та/мд/
Фото: МИА