• среда, 18 декември 2024

Во Кочани се одржа регионален форум за јакнење на женското претприемништво и можностите за негово финансирање

Во Кочани се одржа регионален форум за јакнење на женското претприемништво и можностите за негово финансирање
Кочани, 26 октомври 2022 (МИА) – Општина Кочани денеска беше домаќин на петтиот регионален форум „Можности и пристап до финансии – битен фактор за женското претприемништо”, во рамки на проектот на Националната платформата за женско претприемништво, што е кофинансиран од Европската Унија. На форумот учествуваа претставнички од граѓански здруженија, приватни компании и јавни институции од општините од Источниот плански регион, при што беше нагласено дека главната задача е да се работи на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво. Од Националната платформата за женско претприемништво истакнаа дека за да се постигне целта на проектот потребно е да се направи спој на постојните мрежи што опфаќаат жени, во единствена платформа што ќе ги претставува интересите на жените претприемачи на сите нивоа. - Нашата крајна цел е да креираме Совети за женско претприемништво во секоја општина, а преку нив, поодделно ќе се развиваат можностите за поттикнување и унапредување на женското претприемништво. Причината заради која го правиме ова е менталитетот кај нас, со оглед што сфаќањата за женското претприемништво овде се на неколку скалила подолу од можностите што ги имаат мажите кога го почнуваат својот бизнис и развојот на својата економска независност. Се бориме таа разлика да ја премостиме со различни приоритетни можности или субвенционирање, односно додавање поени во стимулативните процеси, какви што се грантовите шеми. Со таквата позитивна дискриминација одиме еден чекор напред за да ги охрабриме жените да тргнат во претприемништво, односно првата помисла по завршување на образованието да не им биде вработувањето во јавни институции, туку да препознаат дека преку бизнисот можат да добијат многу повеќе, што е добро и за нив, но и за пошироката општествена заедница, истакна Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени и на Националната платформа за женско претприемништво. Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов нагласи дека општината е меѓу понапредните во делот на родовата еднаквост, не само во Источниот регион туку и во државата, а родовата интеграција се практикува во локалните политики со подеднакво почитување на улогата на жената во општествените, економските и социјалните текови. Форумот во Кочани го реализираше Здружението на бизнис жени, во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување - МИР. та/цр

Остани поврзан