• среда, 18 декември 2024

Во Кочани заврши проектот против рано напуштање на образованието кај децата Роми со партнерски училишта од Грција и Бугарија

Во Кочани заврши проектот против рано напуштање на образованието кај децата Роми со партнерски училишта од Грција и Бугарија
Кочани, 22 јули 2022 (МИА) – Основното училиште „Малина Попиванова“ и граѓанското здружение „Авена“ од Кочани денеска беа домаќини на завршната презентација на резултатите од партнерскиот проект на Еразмус+ програмата на ЕУ за воспоставување мониторинг систем против раното напуштање на образовниот процес од учениците Роми. Во изминатите четири месеци, покрај кочанското училиште, во проектот беа вклучени и училишта и невладини организации од градовите Лариса во Грција и Сливен од Бугарија, при што се реализираа практични обуки за откривање и спречување на предвременото напуштање на училиштето кај децата од шест до десетгодишна возраст. -Раното напуштање на образовниот процес е предизвик со кој се соочуваат голем број училишта во нашата држава, но и во соседните Бугарија и Грција, па и во другите европски држави. Обично на овој проблем не му се посветува доволно внимание во раниот стадиум, односно во периодот кога настанува, сè до моментот кога ќе биде предоцна и ќе прерасне во проблем за другите државни институции. Досега се изработени голем број стратегии, акциски планови и препораки, за кои и ние со нашите активности даваме сопствен придонес. Проектот овозможува надградба на капацитетите на нашиот наставен кадар со примена на нови образовни методи, подобрување на неговите дигитални вештини, вештините за тимска работа, а најважното е што преку меѓународната соработка го црпиме искуството од другите држави, истакна Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“. Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов упати благодарност до сите вклучени страни во проектот и за продобивките од нивната работа, при што го истакна подигањето на капацитетите на невладиниот сектор и помагањето во грижата за вклучување и задржување на децата во образовниот процес, особено во раниот период, од прво до четврто одделение. -Многу е важно во раниот стадиум да ја откриеме и да ја решаваме оваа појава, за да немаме проблеми во натамошните фази во процесот на образование и да добиеме квалитетни кадри кои ќе учествуваат во идниот економски развој на општината и пошироко. Со проектот им се помага и на наставниците, да ги детектираат причините за проблемот и да ги спречат последиците што произлегуваат од него, односно можност да се стекнат со дополнителни сознанија што ќе помогнат реално и превентивно да се справат со предизвикот од раното напуштање на училиштата, истакна градоначалникот Папазов. Проектот што го спроведуваа училиштата и невладиниот сектор од трите соседни држави се потпира на три главни столба, односно наставниот кадар да ја препознае појавата, да се стекне со компетентност, вештини и повисоко ниво на реакција, како и да се обезбеди позитивен пристап и разбирање на потешкотиите на ромската заедница поради кои децата го напуштаат основното образование. На завршната презентација во Кочани беа претставени анализите и резултатите од проектот, со практични предлози за надминување на проблемот кои не се однесуваат само на децата Роми, туку на сите ранливи групи чии ученици кои предвреме го напуштаат образовниот процес. та/мд/

Остани поврзан