• среда, 25 декември 2024

Во Корча голем интерес за изложбата „Невестинските соништа” на Битолскиот музеј

Во Корча голем интерес за изложбата „Невестинските соништа” на Битолскиот музеј
Тирана, 31 август 2022 (МИА) - Изложбата „Невестинските соништа" на битолскиот завод и музеј  побуди голем интерес меѓу жителите на Корча кои во голем број ја посетуваат.
Изложбата е во рамки на  манифестацијата „Денови на македонската култура” кои се одржаа во Корча, а ќе биде отворена до 5-ти следниот месец.
- Изложбата ,,Невестински соништа- касели и ковчези од Битола и битолско", на НУ ,,Завод и музеј"- Битола е отворена во Куќата на знамето. Уникатноста на поставката во која се преставени ковчези од крајот на 18 и почетокот на 19 век, побуди голем интерес и внимание меѓу граѓаните на Корча, изјави за МИА, Васил Стерјоваки.
Додаде дека преку оваа изложба посетителите имаат можност да се запознаат со дел од македонската традиционална култура, но и да посведочат за сличностите и разликите со традиционалните култури на останатите балкански народи.
На отворањето македонскиот амбасадор Данчо Марковски истакна дека е убеден оти оваа изложба ќе го долови на најдобар начин историското минато и културното поврзување на битолско-корчанскиот регион.
Авторката на изложбата д-р Мери Стојанова истакна дека каселите, ковчезите или сандуците, се еден од најзначајните и највпечатливи предмети од традиционалната покуќнина не само на македонската куќа, туку и на поширокиот балкански културен ареал.
- Како составен дел од невестинскиот чеиз, овие предмети служеле за чување на облеката на брачната двојка, нивната постелнина, накит, пари и друга нивна лична своина. Според типолошките карактеристики разликуваме три видови на ковчези: селски невестински ковчези; градски невестински касели и патни сандуци. Селските невестински ковчези биле изработени од буково, дабово или борово дрво, во форма на квадрат, подигнати на четири монолитни ногалки, со едноставен и рамен капак. Декорацијата е изведена со т.н. техника на врежување, позната и како „овчарска резба“, а се состои главно од различни погусти или поретки геометриски форми, објасни таа.
Додаде дека градските невестински касели, биле изработени од комбинација на дрво, текстил, кожа и метал, во форма на квадрат без ногалки, и со делумно засводен (полукружен) капак. Кај овој тип на касели доминира вегетабилна декорација изведена со помош на метални апликации.
Патните сандуци биле изработени од различни видови на дрво, врз кои е нанесен еден слој на боја и каде употребените метални апликации имале повеќе практична отколку декоративна функција.
-Симболиката на овие предмети и на секој поединечен декоративен елемент претставува не само одраз на уметничкиот и естетски сензибилитет на мајсторот и неговото разбирање на светот, туку таа во себе ја носи и онаа универзална порака својствена за човештвото која се пренесува со генерации од кои ние претставуваме само еден одреден дел во времето и просторот. Благодарност до сите присутни за покажаниот интерес и можноста, истакна Стојанова.
Покрај амбасадор  Маркoвски и останатите претставници од македонската амбасада во Албанија, во својство на организатори на настаните, на отварањето на изложбата присуствуваа голем број  гости, помеѓу кои Златко Ориѓански директорот на македонскиот Културно - информативен центар во Тирана, градоначалникот на Корча, Сотираќ Фило, деканката на Филолошкиот факултет Јонела Спахо, претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, претседателката на регионалниот совет на Корча, Ана Веруши, директорот на Регионалниот директорат - Корча, Ѓерѓи Коки, директорката на Музејот за средновековна уметност Фјоралба Прифти и  многу други. вт/бк/

Остани поврзан