• понеделник, 23 февруари 2026

Во Кичево 400 извидници од цела држава го одбележаа Денот на извидниците во Кичево

Во Кичево 400 извидници од цела држава го одбележаа Денот на извидниците во Кичево

Кичево, 22 февруари 2026 (МИА) - Околу 400 деца и млади од повеќе градови низ државата денеска се собраа во Кичево за заеднички да го одбележат 22 февруари – Денот на извидниците, ден кога милиони извидници ширум светот го слават извидничкото движење, неговите вредности и мисија, соопшти Сојузот на извидници на Македонија.

Под мотото „Биди подготвен!“, се вели во соопштението, извидниците во Македонија повеќе од седум децении се симбол на другарство, солидарност, лидерство и активно учество во заедницата. Овој собир, додаваат од Сојузот, уште еднаш ја покажа силата на извидничкото движење и неговото значење за воспитување на млади луѓе кои растат во одговорни и активни граѓани.

Одбележувањето започнало со свечен марш по главниот булевар во Кичево, при што извидниците во униформа продефилираа низ градот, испраќајќи порака за заедништво, солидарност и активна младинска енергија. По маршот следело свеченото отворање на настанот, при што свое обраќање имале старешината на Сојуз на извидници на Македонија и градоначалникот на Општина Кичево, кои ги поздравиле учесниците и ја истакнаа важноста на извидништвото во развојот на младите и заедницата.

-Еден од најзначајните моменти на прославата беше давањето на извидничкиот завет, при што 100 нови извидници официјално станаа дел од извидничкото братство, симболично прифаќајќи ги вредностите на чест, пријателство, служба и грижа за природата, се наведува во соопштението.

Во рамки на одбележувањето, извидниците реализирале и општествено корисни активности. Преку кампањата „Направи добро дело“ биле спроведени хуманитарни акции и иницијативи за поддршка на заедницата, додека во соработка со Црвениот крст се организирале и крводарителски акции, со цел подигање на свеста за солидарноста и значењето на крводарувањето.

-Со своето присуство, младите извидници покажаа дека извидништвото претставува многу повеќе од хоби — тоа е образовен процес преку кој учат тимска работа, одговорност, почитување на различностите и активен придонес кон општеството, се додава во соопштението.

Сојуз на извидници на Македонија е младинска чадор организација основана во 1953 година и денес обединува 20 активни извиднички одреди со повеќе од 3000 деца и млади. Како дел од светското извидничко движење со над 57 милиони членови во повеќе од 180 држави и територии, организацијата работи на развој на младите преку неформално образование, животни вештини и волонтерство. ац/ев/

Фото: Сојуз на извидници на Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан