• среда, 25 декември 2024

Во Киргистан уапсени околу 30 лица поради обид за државен удар

Во Киргистан уапсени околу 30 лица поради обид за државен удар

Бишкек, 6 јуни 2023 (МИА) – Во Киргистан се уапсени повеќе од 30 лица под обвинение дека сакале да организираат немири и државен удар, соопшти денеска тајната служба на оваа централноазиска република - ГКНБ.

„Државниот комитет за национална безбедност на Република Киргистан ги разби незаконските активности на група луѓе кои тајно се подготвуваа да организираат немири во земјата со цел насилно да ја преземат власта“, се наведува во соопштението, додавајќи дека веќе „признаа“ повеќе од 30 лица, кои вчера беа уапсени.

Лидерот на вонпарламентарната партија „Елдик Кенеш“ (Народен совет) е обвинет дека е мозокот на групата од повеќе од 100 лица и дека „организирал тајни состаноци на кои требало да се разговара за плановите за насилно преземање на власта“.

ГКНБ наведува дека споменатата група требала „наскоро да добие финансии од странство“.

На видеа објавени вчера во локалните медиуми се прикажани вооружени мажи како апсат поединци. 

Синоќа официјалната новинска агенција Кабар потврди дека апсењата ги вршела тајната служба, без да даде дополнителни информации.

Од распадот на Советскиот Сојуз, во 1991 година, оваа поранешна советска република, која беше во сојуз со Русија и се приближуваше кон Кина, помина низ бројни политички кризи со три револуции (2005, 2010, 2020 година)

Апсењата беа извршени само неколку дена по посетата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Киргистан, при што претседателот на земјата Садир Жапаров даде уверување дека е подготвен за тесна соработка со Европската унија.

 

Иако земјата долго време ужива релативен медиумски и политички плурализам во регион каде слободата на медиумите останува ограничена, невладините организации укажуваат на зголемени притисоци врз медиумите и граѓанското општество. сд/

Остани поврзан