• недела, 24 ноември 2024

Во Кенија ексхумирани уште 26 тела на следбеници на секта, вкупно 47

Во Кенија ексхумирани уште 26 тела на следбеници на секта, вкупно 47

Најроби, 24 април 2023 (МИА) – Нови 26 тела вчера беа ексхумирани во источна Кенија, со што бројот на останките што од петокот ги откри полицијата во истрагата за смртта на следбениците на една секта, се зголеми на 47, наведуваат тамошните власти.

Починатите се следбеници на „Меѓународната црква Добри вести“, која е предводена од неодамна уапсениот Макензи Нтенге. Тој на своите приврзаници им проповедал дека треба да постат за да „се сретнат со Исус“.

-Денеска ексхумиравме 26 тела, со што вкупниот број се зголеми на 47, соопштија од полицијата и додаваат дека потрагата продолжува.

Властите во текот на минатата недела првично пронајдоа посмртни останки на четворица следбеници на сектата, откако добија информации за можна масовна гробница.

Неколку следбеници на сектата сè уште се кријат во шумата Шакахола, во која се пронајдени и труповите.

Вкупно 11 следбеници на сектата, од кои седум мажи и четири жени, на возраст меѓу 17 и 49 години, минатата недела беа хоспитализирани откако истоштени беа спасени од шумата.

Нтенге се предал на полицијата на 15 април и веднаш беше ставен во притвор.

Полициски извори наведуваат дека добиле информации за луѓе кои „умираат од глад под изговор дека се сретнале со Исус, откако водачот на сектата им го испрал мозокот“. сд/

Остани поврзан