• сабота, 23 ноември 2024

Во Карбинци се расчистуваат дивите депонии

Во Карбинци се расчистуваат дивите депонии

Карбинци, 3 април 2023 (МИА) - Општина Карбинци и ЈП „Плачковица“ – Карбинци  ја завршуваат својата обврска за расчистување на дивите депонии на шест локации на територија на општина Карбинци, што е во рамки на европскиот проект за управување со отпад.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека Карбинци е една од општините од двата региона во кои беше предвидено комплетно расчистување на несоодветните создадени депонии, кои беа дел од 104 идентификувани ѓубришта во двата региона.

- Се затвора и оваа депонија кај селото Таринци со што ќе ја заокружиме оваа фаза од проектот за затворање на депониите, со затворањето и на оваа последна дива депонија кај селото Таринци. Ова е многу важен проект за општина Карбинци и на чекор сме до реализација на онаа регионална депонија кај Мечкуевци со којашто Истокот и Североистокот ќе добијат еден центар за управување со отпад и нема да имаме повеќе диви депонии во населените места низ државата, рече Паунов.

Отпадот општина Карбинци засега го депонира на депонијата во Штип и со затворањето на депониите останува да чека на новата современа регионална депонија кај светиниколско Мечкуевци. Општината депониите ги затвори во Карбинци, Аргулица, Козјак, Крупиште, Радање и последнава во Таринци, а градоначалникот Паунов посочува дека прекршувања во однос на нивно повторно отворање од страна на граѓаните речиси и да нема.

- До овој момент жителите на Карбинци ги почитуваат оние одредби и препораки коишто ги кажувавме и во изминатиов период. Се надевам дека така и ќе остане. Се забележани минимални прекршувања, коишто се во рамки на она што го потенцираме, така што очекувам свеста да биде подигната за да ни остане животната средина онака како што ја посакуваме, додаде Паунов.

Затворањето на депониите и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион во рамки на регионалниот систем за управување со отпад се одвива во две фази. Во Источниот регион беа регистрирани вкупно 12 несоодветни општински депонии и 72 диви ѓубришта, а во Североисточниот регион за чистење беа утврдени шест нестандардни општински депонии и 32 диви ѓубришта. За оваа активност се инвестираат околу 10 милиони евра. вдј/цр

Фото Општина Карбинци 

Остани поврзан