Во Канада одржана традиционалната средба на Македонците по потекло од Албанија
- Во организација на македонското друштво ,,Мала Преспа“, од Торонто, Канада за време на викендот во градот Оквил, Онтарио одржана е традиционалната средба на Македонците по потекло од Мала Преспа и други делови на Албанија.
Тирана, 27 ноември 2023 (МИА) - Во организација на македонското друштво ,,Мала Преспа“, од Торонто, Канада за време на викендот во градот Оквил, Онтарио одржана е традиционалната средба на Македонците по потекло од Мала Преспа и други делови на Албанија.
-Ние Македонците со потекло од Албанија, главно од Мала Преспа, кои живееме во Канада и САД, по 15 - ти пат, изминатиот викенд организиравме македонска вечер во чест на празникот посветен на Свети Архангел Михаил, кого го сметаме за заштитник на нас Македонците во Мала Преспа. По традиција не имаше од сите делови на пошироката област на Торонто, како и Малопреспанци коишто живеат надвор од Канада, а кои допатуваа заедно со своите браќа и сестри, изјавиле од друштвото за весникот „Македониум“.
Како и секоја година свеченоста почнала со настапот на фолклорниот ансамбл ,,Илинден“ од македонската православна црква „Свети Илија“ од
Мисисага раководен од претседателот Ненад Попоски и кореографката Орхидеја Димова Радевска.
-Настапија малата и големата група со сплет на ора и песни од повеќе делови на нашата убава Македонија. По благословената вечера од страна на отец Благој Пенев од црквата „Свети Илија“ отпочна и забавниот дел во којшто претседателот на друштвото ,,Мала Преспа“ Босилко Аговски со својата сопруга Донка го поведе првото свечено, празнично оро, додаваат од друштвото.
Според нив, средбата претставува добро можност за сите да се дружат, да се веселат, но и да позборуваат за нивниот роден крај. Писутните се дружеле до доцна во ноќта со оркестарот ,,Балкан Ентертејмент“, се пеела ,,Свети Архангел сите славиме,“ и многу други македонски песни и ора.
По падот на тоталитарнот режим во Албанија, во 1991 година, за Канада и САД емигрирале значителен број на Македонци од Мала Преспа и други делови на Албанија. вт/љм/
Фото: весник Македониум