• четврток, 19 декември 2024

Во Калифорнија средба на Кевин Мекарти и Цаи Инг-ван, без изјави

Во Калифорнија средба на Кевин Мекарти и Цаи Инг-ван, без  изјави

Лос Анџелес, 5 април 2023 (МИА) - Претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, конзервативецот Кевин Мекарти, денеска во Калифорнија се сретна со претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен, која дојде во историска, но и политички чувствителна посета на САД додека растат тензиите со Кина, пренесе Бета.

Тајван е самоуправен регион со демократски избрана администрација уште од граѓанската војна во Кина во 1949 година, а комунистичка Кина овој остров го смета за своја територија и смета дека секоја интеракција меѓу тајванските и американските претставници е предизвик за нејзиниот суверенитет.

Мекарти и Цаи накратко се ракуваа пред претседателската библиотека „Роналд Реган“ во долината Сими, во јужна Калифорнија, пред да се упатат на закажаната неколкучасовна средба на која ќе присуствува и конгресна делегација од демократски и републикански пратеници.

Ниту Мекарти, ниту Цаи, не дадоа изјави, а мали групи прокинески и протајвански демонстранти се собраа пред библиотеката, држејќи транспаренти.

Цаи е на еднонеделна турнеја низ САД и Централна Америка.

Кога минатата година тогашната претседателка на Претставничкиот дом, демократската Ненси Пелоси, го посети Тајван, Кина ги изведе најголемите воени маневри со боева муниција во последните децении и истрела проектил што го прелета островот. Кина, исто така, се повлече од разговорите за климата со САД.

По повод актуелната посета на тајванската претседателка и нејзината средба со Мекарти, Кина најави остар одговор, но не ги наведе мерките што ќе следат.

Американската администрација на претседателот Џо Бајден оцени дека нема ништо провокативно во оваа посета, бидејќи таа е шеста по ред.

Денеска Кина почна со патроли и инспекциски акции во централните и северните води на Тајванскиот теснец, објавија тајванските државни медиуми, а кинескиот носач на авиони Шандонг е забележан југоисточно од Тајван.

САД го признаваа Тајван како претставник на Кина до 1979 година, но потоа ја признаа владата во Пекинг и го повлекоа признавањето на Тајван. Сепак, тие одржуваа блиски односи со овој остров.

Кина го смета Тајван за своја територија според системот „една земја, два системи“. сд/

 

Остани поврзан