• сабота, 23 ноември 2024

Во Кавадарци отворен за посети дворецот на познатиот Дедо Мраз 

Во Кавадарци отворен за посети дворецот на познатиот Дедо Мраз 

Кавадарци, 11 декември 2023 (МИА) - Во Кавадарци од денеска отворен е за посети дворецот на познатиот  Дедо Мраз, во кој 26 години, кавадарчанецот Ѓорѓи Вареловски ги дочекува најмладите во новогодишна атмосфера и им дели подароци.  

- Секоја година во овој период, дворот од домот на нашето семејство, украсен  со најразлични украси, е отворен за посетители од земјава и странство. Овде се вложени голем труд и енергија, за сите деца да се чувствуваат празнично овие денови од годината, нагласи тој. 

Вареловски, во улога на Дедо Мраз, рече за МИА дека е среќен секогаш кога ги гледа децата задоволни, затоа што, како што нагласи, зборовите на радост изречени од младите, допираат до душата и срцето. 

- Да израдуваш секоја година  дечиња, е нешто прекрасно. Сметам дека овој настан е своевиден амбасадор на градот. Мислам дека Кавадарци ќе биде препознатлив по  Дедо Мраз. И тоа вистински. Не ги знам до толку големите броеви за да кажам колку сијалички и колку лампиони има во мојот двор, затоа што навистина многу ги има, станува збор за многу голема бројка. Ова е една уметност. Ми требаше годинава околу месец дена за да украсам се. Пресреќни сме не само јас, туку и целата моја фамилија, тоа е убавата работа во сево ова. Навечер работиме и до полноќ. Секојдневно примаме гости, кој ќе дојде е добредојден. За сите има подароци од Дедо Мраз, рече тој, упатувајќи порака до сите дечиња да бидат среќни и весели. И нека се огледаат на Дедо Мраз и нека продолжат со добрите дела. Убавата работа е, нагласи,  во дружењето, насмевките  и позитивната енергија. свд/дма/


Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан