• среда, 18 декември 2024

Во Кавадарци отворена еко изложба со хуманитарен карактер 

Во Кавадарци отворена еко изложба со хуманитарен карактер 

Кавадарци, 10 декември 2024 (МИА) -  Еко изложба со хуманитарен карактер беше отворена вечерва во Куќа на мирис и вкус во Кавадарци, што работи во склоп на Музеј галеријата. Претставени се традиционалните материјали, користени како основа за изработка на современи парчиња.

Изложбата од хуманитарно-аукциски карактер е насловена  „Создадено за сочувство: уметност, екологија, хуманост". Проектот е финансиран од Министерството за култура, имплементиран од „Еко -живот" Кавадарци. Изложбата е од хуманитарен и аукциски карактер. Може да се купат некои од изложените изработки. Собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели,  кај децата без родители во Кавадарци.

-Оваа изложба ги обединува трите одредници кои се основа на нашето постоење и создавање - уметноста како огледало на нашите чувства, екологијата како нашата заедничка цел и хуманоста како принцип кој не поврзува. Уметноста секогаш била моќно средство за изразување, рече Александра Бојкова  Паризова, проектен координатор од „Еко - живот". 

Таа подвлече дека екологијата е тема што се повеќе добива значење во современиот свет.

-Хуманоста е темел на нашето постоење. Како луѓе имаме моќ да создадеме промени, да бидеме солидарни и да помагаме на оние на кои најмногу им е потребно. Се надевам дека оваа изложба ќе ви понуди нова перспектива и ќе ве поттикне да размислите за вашата улога во светот, истакна Паризова. 

Марија Вчкова, волонтер и активист, даде краток осврт на тематиката на денешниот настан. Таа нагласи дека уметноста, како средство на изразување, има моќ да ја пренесе човечката емоција и да ги подигне свеста и чувствата на луѓето. 

-Со помош на различни форми на уметност, од сликарство до музика, уметниците можат да создадат дела што инспирираат, предизвикуваат размислување и поттикнуваат емпатија, додаде Вчкова. 

Пред присутните, беше изразена благодарност до сите учесници во проектот, вклучително и на дел од штитениците од Дневниот центар „Порака" од Неготино, кои учествуваа во работилниците. 

Модната дизајнерка Сара Милевска, без која, како што беше кажано, немаше да се спроведат успешно работилниците, ги додели благодарниците на учесниците.

-Со користење на текстилниот отпад како уметничко средство за изразување, се привлекува вниманието на прашањето за отпадот од текстил, како тешко распадлив материјал, кој е еден од главните придонесувачи за загадувањето на животната средина, пишува Милевска во флаерот за настанот. 

Таа додава дека фокусот на оваа иницијатива е соочување со овој еколошки проблем на локално ниво и смета дека преку креативно и уметничко изразување, ќе придонесе за решение на овој проблем. 

-Проектот претставува мост помеѓу богатото наследство од минатото и современата мода, се вели во текстот од флаерот. свд/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан