• среда, 25 декември 2024

Во Кавадарци настан на тема дискриминација кај младите 

Во Кавадарци настан на тема дискриминација кај младите 

Кавадарци, 27 август 2024 (МИА) - „Дискриминација кај младите“ беше именуван настанот што вечерва беше реализиран во дворот на Вински музеј Кавадарци, во организација на Комисија за еднакви можности при кавадаречкиот општински Совет и „Europe house“ од Велес.

На настанот, присутните млади имаа можност да проследат проекција на филм, како и да се запознаат со иницијативата за заедничко вмрежување на младите од регионот.

Координаторката за еднакви можности при кавадаречката локална самоуправа на настанот истакна дека една од целните групи на комисијата се токму младите.

- Знаеме дека младите се двигатели на промени, носители на нови идеи и иновации, но често се изложени на различни форми на дискриминација што можат да ги ограничат нивните можности и да ги спречат во остварувањето на нивниот потенцијал. Како Комисија за еднакви можности на општина Кавадарци една од целните групи ни се токму младите, кои преку темата за младинско претприемништво успеавме неколку пати да ги собереме на заеднички средби, да ги детектираме кои се предизвиците со кои се соочуваат младите и да покренеме кампања за поттикнување на младите да бидат претприемачи, донесувачи на одлуки, да се едуцираат за своите права и да се изборат за нив, рече Марија Камчева, координатор за еднакви можности при кавадаречката локална самоуправа. 

Камчева подвлече дека целта на настанот е да се актуелизира темата за дискриминација, да се подигне нивото на свесност и да се насочи вниманието кон можностите за позитивна промена.

- Важно е да разбереме дека дискриминацијата не само што влијае на индивидуалните животи на младите, туку и на целокупниот развој на општеството. Секој млад човек заслужува шанса да биде слушнат, ценет и да има можност за напредување. Нашата задача е да работиме на создавање средина во која сите млади ќе имаат еднакви можности и ќе бидат третирани со почит и праведност. Се надевам дека денешниот настан ќе донесе нови перспективи, идеи и решенија за намалување на дискриминацијата и ќе го охрабри секој од нас да се вклучи во создавањето на подобро општество за младите, додаде Камчева. 

Упати и апел до присутните млади. 

- Ако сакате да промените нешто, не чекајте друг да го направи тоа, вие треба да бидете таа промена. Промената што сакаме да ја видиме во светот започнува со нас самите. Никој не може да го промени светот сам, но сите заедно можеме да дадеме свој придонес во создавањето на подобар свет, свет без дискриминација. Во борбата против дискриминацијата, секој глас има важност. Не молчете, зборувајте за правдата бидејќи дискриминацијата не може да ја задуши вашата страст за правда. Постојано борете се за своите права и правото на сите. Не дозволувајте дискриминацијата да ви го скрши духот. Наместо тоа, користете  ја како гориво за вашата борба за правото на еднаквост. Само оние кои се доволно храбри да се борат за правдата, ќе видат вистинска промена, истакна Камчева. 

Александар Мукаетов, претседател на Комисијата за еднакви можности, рече дека Комисијата продолжува да спроведува активности, со цел подобрување на животот во локалната заедница. 

- Овојпат нашата фокусна точка e диксриминацијата, особено дискриминацијата кај младите кои често се соочуваат со разни видови дискриминација која може да влијае на нивната интеграција во општеството.Со оваа соработка сакаме да ги освестиме младите за овие проблеми кои се се почести, да ја подигнеме свеста и да поттикнеме позитивни промени. Нашата цел како Комисија е да создадеме средина каде што сите млади луѓе ќе се чувствуваат прифатени и поддржани. Ги повикувам на активно учество сите заинтересирани стани од локалните заедници, образовни институции, да се вклучат во овој важен процес. Само со заеднички напори можеме да придонесеме младите луѓе да не бидат изложени на дискриминација, а нашиот влог ќе придонесе за поголема инклузија и еднаквост во локалната заедница, нагласи Мукаетов.

Тој додаде дека со ова, комисијата се вклучува во кампања дека сите млади се исти, еднакви и рамноправни.

Младиот европски амбасадор Ѓорѓи Ристов, меѓу другото, рече дека ги поддржува ваквите иницијативи, за европско општество и подобра иднина. свд/ар
Фото: МИА 

Остани поврзан