• вторник, 24 декември 2024

Во Кавадарци наградени учениците кои произведоа најдобри производи од грозје

Во Кавадарци наградени учениците кои произведоа најдобри производи од грозје

Кавадарци, 29 ноември 2024 (МИА) - Награди добија средношколци од Земјоделско - шумарското училиште во Кавадарци, кои произведоа најдобри производи од грозје во домашни услови. Во месецот кога во светот се слави младото вино произведено од годинешнава реколта и се оценува неговиот потенцијал, во оваа воспитно - образовна установа што постои близу 70 години, денеска беше организирана прослава во врска со една од науките и дејностите што ги изучува и применува ова училиште, винопроизводство.

- Винопроизводство е традиција во Тиквешијата како најголем лозаровинарски регион во државата. Во нашето училиште, учениците се стекнуваат со стручни знаења за производство на вино, со што ги надоградуваат претходните знаења стекнати во своите семејства. Ова училиште е расадник на експерти во винарството, кои своите први чекори ги прават токму овде, беше кажано на настанот. 

Оценувањето на најдобрите вина го извршија стручни лица енолози од Здружението Винари на Македонија. 

Присутните имаа можност да дегустираат вина и ракија произведени во училиштето, но и од наградените вина произведени од ученици, кои основните тајни на енолошкиот занает, ги учат низ теоретска и практична настава во училиштето. 

Ратка Росомански, директорка на училиштето ,,Ѓорче Петров", појасни дека во училишната винарија, учениците произведуваат високо квалитетно вино под менторство на нивните професори. 

- Задоволство е кога гледаме како наши ученици, подоцна, благодарение, меѓу другото и на знаењата стекнати овде,  се дообразуваат и стануваат врвни енолози и сопственици на сопствени винарии, подвлече таа. 

Росомански додаде дека денеска освен производството на квалитетни вина, се презентираат и знаењата и вештините и на другите струки што се изучуваат во училиштето. Учениците од фармацевтската струка изработија крем од семки од грозје. Убави дрвени лампиони изработија техничарите за мебел и ентериер. Шумарските техничари и техничарите за пејзажен дизајн се претставија со црепчиња со кактуси и цветни семиња. 

Настанот беше збогатен со музика и рецитирање песни посветени на виното, а овој дел од прославата беше под менторство на професорот по македонски јазик, Влатко Тасев. свд/сст/


Фото: МИА 

Остани поврзан