• четврток, 26 декември 2024

Во Кавадарци и Росоман работилници за превенција од болести на зависност, наркоманија, алкохолизам и пушење цигари

Во Кавадарци и Росоман работилници за превенција од болести на зависност, наркоманија, алкохолизам и пушење цигари
Кавадарци, 22 ноември 2022 (МИА) - Работилници за превенција од болести на зависност, наркоманија, алкохолизам и пушење цигари се реализираат во Кавадарци и Росоман во текот на цел ноември, информираа денеска од кавадаречкиот Црвен крст. - Во организација на Црвен Крст  на Република Северна Македонија, Општинска организација Кавадарци, а во соработка со основните и средните училишта од Кавадарци и Росоман, во текот на месец ноември планирани се над 20 едукативни работилници со ученици од осмо и деветто одделение од основните училишта и прва и втора година во средните училишта. Согласно планот, веќе се реализирани осум работилници во четири основни училишта, а останатите ќе се реализираат до крајот на месец ноември, од страна на стручно лице, од областа на превенција на болести на зависност, соопштија од Црвен крст. На работилниците, учениците се запознаваат со причините поради кои најчесто се посегнува по земањето на овие за нив недозволени средства, кои се последиците по човековото здравје, рано откривање и спречување на нивно земање. - На крај, од страна на учениците, преку пишани текстови, се упатуваат пораки до сите нивни врсници и соученици, за стоење на страна од овие пороци и за избор и исполнување на слободното време со спорт, музика, уметност, волонтирање во НВО, членување во спортски клубови и здруженија на граѓани. Благодарност за соработката до одговорните во училиштата и до менторите на учениците, коишто пројавија голем интерес за информирање и едукација, на што поголем број на млади-ученици, на оваа тема, додадоа од Црвениот крст.  свд/цр

Остани поврзан