• четврток, 26 декември 2024

Во Кавадарци беше одбележана стогодишнината од раѓањето на револуционерот Доне Попов

Во Кавадарци беше одбележана стогодишнината од раѓањето на револуционерот Доне Попов

Кавадарци, 24 мај 2024 (МИА) – Во чест на револуционерот Доне Попов, денеска во кавадаречкото село Бохула беа одбележани сто години од неговото раѓање, како и 80 години од неговата смрт.

Гордана Кароловска, родена во ова село, потсети дека Попов бил роден во имотно семејство, а животот под ропство во тоа време довел до тоа брзо да биде изразен неговиот револуционерен дух. Истакна дека бил еден од најписмените во селото во тоа време, затоа Кароловска посочи дека бил избран за претседател на младинската организација. 

– Со своите напредни идеи, самоуверено и без колебање се вклучил во народноослободителната борба. Движење, кое го разбираше, како единствен начин и пат да се дојде до саканата слобода, протерувајќи го окупаторот од земјата. Македонскиот народ, слободно да живее на својата земја. Го водеше мислата, дека Македонија ќе може да се ослободи, само со борба со оружје во рацете. Поради неговите напредни идеи, во 1942 година  бил примен во Скоевската организација, заедно со многу други интелектуалци, вели Кароловска. 

Кога се враќал во селото, Кароловска додава дека Попов се состанувал со членовите на младинската и скоевската организација, со кои ги разработувале плановите за  операциите, за тоа како да се дејствува и каква логистичка поддршка е потребна за партизаните.

– Но, како насекаде и овде ги имало шпионите, цел куфер со негови книги, му бил запален во дворот, потсети Кароловска. 

Во народноослободителната војска против фашистите, стапил во пролетта 1944 година. Бил борец во втората македонска ударна бригада, први баталјон. На 24 мај, бил тешко ранет, подоцна им подлегнал на повредите. 

Некогашното училиште во селото, подоцна било именувано по него, исто како и поранешната земјоделска задруга, неговото име го носат и езерцето на висорамнината Витачево, како и една улица во градот Кавадарци. Во Тиквешијата и пошироко, се пее и песна за Доне Попов. свд/ра

Фото : МИА 

 

Остани поврзан