• четврток, 12 февруари 2026

Во Иран денеска се одбележува 47-годишнината од Исламската револуција, покажани нови балистички ракети

Во Иран денеска се одбележува 47-годишнината од Исламската револуција, покажани нови балистички ракети

Техеран, 11 февруари 2026 (МИА) - Милиони Иранци денеска излегоа на улиците во целата земја како дел од националните маршеви по повод 47-годишнината од Исламската револуција.

Официјални лица наведуваат дека маршевите се одржуваат на повеќе од 1.400 локации, вклучувајќи го и централниот плоштад Азади во Техеран, а настаните ги следат приближно 7.200 локални и речиси 200 странски новинари, објави „Преств“.

Собирањата почнаа утрово, а во претходните денови граѓаните во целата земја со вечерни протести ја прославија победата на Револуцијата.

Иранските власти ги опишаа собирите како симбол на национално единство и отпорност, а набљудувачите ги истакнаа политичките и културните пораки на настаните.

На маргините на маршевите се прикажани остатоци од изгорени и оштетени возила уништени за време на јануарските немири, кои иранските власти ги припишуваат на вооружени групи поддржани од странски сили.

На плоштадот Азади беа презентирани крстосувачки и балистички ракети, како и остатоци од израелски беспилотни летала наводно соборени за време на конфликтот.

Беа презентирани ракетите „Сумар“, „Нур“ и „Кадир“, како и балистичките ракети „Хаџ Касем“, „Емад“ и „Золфахар“, објавува „Тасним“ додавајќи дека некои од тие ракети биле користени во операциите „Вистинско ветување I, II и III“ против Израел, како и во нападите врз американската воздухопловна база „Ал Удајд“ во Катар.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан присуствуваше на маршот во Техеран, каде што во следните неколку часа треба да им се обрати на учесниците.

Исламската револуција од 1979 година беше пресвртница што го трансформира Иран од прозападна монархија во исламска република.

Предводена од ајатолахот Рухолах Хомеини, коалицијата од свештеници, студенти и секуларни активисти го собори шахот Мохамед Реза Пахлави, поддржан од САД.

Техеран и Вашингтон ги прекинаа дипломатските односи во 1980 година откога иранскиот народ ја окупира американската амбасада во иранската престолнина.сд/јт/

Фото:ЕПА

Остани поврзан