• недела, 28 јули 2024

Во Индија евакуирани 150.000 луѓе пред доаѓањето на силен циклон

Во Индија евакуирани 150.000 луѓе пред доаѓањето на силен циклон
Ахмедабад, 17 мај 2021 (МИА) – Речиси 150.000 луѓе ги напуштија своите домови во индиската држава Гуџарат, а властите ги затворија пристаништата и главниот аеродром, бидејќи до западниот брег на земјата се доближува најсилниот циклон во повеќе од две децении. Циклонот „Таукте“ досега уби осум лица и предизвика штета откако ги погоди бреговите на индиските држави Керала, Карнатака и Гоа, соопштија индиските власти. Циклонот, како што е најавено, треба да ја погоди државата Гуџарат подоцна денеска. - Ова ќе биде најсилниот циклон што го погоди Гуџарат во последните најмалку 20 години. Може да се спореди со циклонот од 1998 година што ја погоди Кандла и предизвика голема штета, изјави индискиот државен секретар Панкај Кумар. Индиската метеоролошка служба (ИМД) ја категоризираше бурата, која се формираше во Арапското Море, како „исклучително силна“. Додека циклонот Таукте се движеше на север, Мумбај го погодија обилен дожд и силен ветер. Силниот ветер ги принуди властите да ја прекинат работата на аеродромот во Мумбај и да затворат некои од главните патишта. Циклонот, со брзина на ветер од 180 до 190 километри на час и удари до 210 километри на час, што би го изедначило со ураган од трета категорија, е само едно ниво под категоријата супер циклони на ИМД. Покрај осум смртни случаи во Гоа и Карнатака, исчезнаа 28 рибарски чамци, изјави службеник на крајбрежната стража. Државната администрација на Гуџарат евакуираше скоро 150.000 луѓе од крајбрежните заедници и распореди повеќе од 50 тимови за справување со катастрофи. Циклонот од 1998 година кој го уништи Гуџарат уби најмалку 4.000 луѓе и предизвика штета од стотици милиони долари. јт/

Остани поврзан