• четврток, 26 декември 2024

Во Израел протест на ултраортодоксните Евреи поради одлуката за задолжителен воен рок

Во Израел протест на ултраортодоксните Евреи поради одлуката за задолжителен воен рок

Ерусалим, 28 јуни 2024 (МИА) – Ултраортодоксните Евреи денеска го блокираа автопатот во градот Бнеи Брак, во близина на Тел Авив, протестирајќи против владината одлука за задолжителна воена служба.

Стотици мажи два часа го блокираа главниот пат во централен Израел. Демонстрантите седеа и лежеа на автопатот, а полицајците насилно ги отстранија.

- Сите сме овде со една цел и го застапуваме ставот на целата ортодоксна јавност. Попрво ќе одиме во затвор отколку во војска, изјави еден од учесниците на протестот.

Врховниот суд на Израел претходно одлучи дека ултраортодоксните Евреи мора да служат во вооружените сили.

Според долгогодишниот договор, ултраортодоксните Евреи се ослободени од воена служба, која е задолжителна за повеќето мажи и жени во Израел. Овој исклучок долго време беше извор на гнев меѓу секуларните кругови во Израел. Поделбата, исто така, се продлабочи како напредуваше војната во Појасот Газа. Во Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху вклучени се и партии кои ја претставуваат израелската ултраортодоксна заедница. ми/

фото: Икс

Остани поврзан