• четврток, 26 декември 2024

Во Израел повторно протести против судските реформи

Во Израел повторно протести против судските реформи

Тел Авив, 11 јуни 2023 (МИА) - Неколку илјади Израелци синоќа демонстрираа во Тел Авив и во други градови 23-та недела по ред, против контроверзниот план за реформи во правосудниот систем на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Собирот се одржа во центарот на Тел Авив, како и во градовите Хаифа и Реховот.

Голем број демонстранти држеа флаери во кои се критикува неактивноста на владата пред бранот на криминал што моментално го погодува арапското малцинство во Израел.

Според различни арапски невладини организации за човекови права, од почетокот на годината, речиси 100 луѓе се убиени во насилство поврзано со криминал меѓу арапското малцинство во Израел.

Поддржувачите на реформите, кои ќе го ослабнат Врховниот суд и ќе го ограничат судскиот надзор над законите и владините одлуки, велат дека е неопходно да се врати моќта на избраните претставници.

Противниците предупредуваат дека тоа ќе го поткопа чувствителниот систем на контроли и рамнотежа на властите.

Израелскиот претседател Исак Херцог веќе еден месец преговара со претставниците на власта и опозицијата со цел да се постигне компромис за реформите. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан