Во иднина сите електронски уреди во ЕУ ќе бидат со УСБ-Ц приклучоци за полначи
- На овој начин еден полнач ќе може да се користи за полнење на паметни телефони, таблети, камери, слушалки, звучници, конзоли за игри, е-читачи, тастатури, „глувчиња“ и системи за навигација со моќност до 100 вати.
Брисел, 29 декември 2024 (МИА) - Сите електронски уреди што од сега ќе се пласираат на пазарот во ЕУ ќе мора да имаат приклучок за полначи од типот УСБ-Ц. Ваквото правило почна да важи со стапувањето во сила на Директивата 2022/2380 на ЕУ со која УСБ-Ц станува стандарден приклучок за полнење електронски уреди во Европската Унија.
На овој начин еден полнач ќе може да се користи за полнење на паметни телефони, таблети, камери, слушалки, звучници, конзоли за игри, е-читачи, тастатури, „глувчиња“ и системи за навигација со моќност до 100 вати.
Засега од оваа обврска се исклучени лаптопите, но од 28 април 2026 година и тие ќе мора да имаат приклучок за полнач од типот УСБ-Ц.
Според Европската комисија, на овој начин ќе се обезбеди подобра технологија за полнење, луѓето нема да трошат време на барање на адекватен полначи и ќе се намали електронскиот отпади.
Ова во исто време ќе се овозможи и финансиски заштеди, бидејќи потрошувачите повеќе нема да мора да набавуваат различни типови на полначи за секој уред, со што се проценува дека ќе се заштедуваат по околу 250 милиони евра годишно.
Со Директивата на е наведено дека оваа правило ќе важи за дроновите. Иако има толкувања дека тие можат да се сведат под ставката „дигитални камери“, сепак засега останува нејасно дали УСБ-Ц стандардот ќе важи и за беспилотните летала.
Европската комисија соопшти дека ги следи трендовите на пазарот и технолошкиот напредок, па согласно тоа периодично ќе врши ажурирање на листата на уреди за кои ќе важи овој стандард.
Претседателката на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент, Ана Кавацини оцени дека новите правила претставуваат голем чекор напред кон поголеми придобивки за потрошувачите и кон зголемување на одговорноста за животната средина.
Според неа, оваа Директива ќе придонесе за намалување на тоните отпад од полначите што се фрлаат секоја година.
Сепак ова не значи дека во ЕУ повеќе не ќе може да се најдат уреди со поинакви приклучоци, имајќи пред вид дека Директивата дозволува и продажба на уреди кои немаат УСБ-Ц приклучок за полнење, доколку биле пласирани на пазарот пред 28 декември 2024 година. сп/
Фото: Икс