• недела, 24 ноември 2024

Во завршна фаза уредувањето на планинарскиот дом во селото Брежани

Во завршна фаза уредувањето на планинарскиот дом во селото Брежани
Охрид, 2 март 2022 (МИА) – Привршува реконструкцијата на старата училишна зграда во селото Брежани, која ќе биде пренаменета во планинарски дом. Општина Дебрца соопшти дека преостанува уште хортикултурното уредување, кое поради временските услови оставено е за април. - Градежните активности се одвиваа во насока на зацврстување на објектот со армирано-бетонска конструкција, поставување санитарни јазли и електрична инсталација, поставување нови врати и прозорци, како и осовременување на градбата и нејзина преадаптација во планинарски дом. Општина Дебрца добива современ планинарски дом, со капацитет од 20 легла, стои во информацијата. Активноста се реализира во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската унија и Министерството за локална самоуправа, преку програмата за прекугранична соработка со Албанија. Реализатори на проектот се Црвен крст - Охрид, алпинистичкиот клуб „Патагонија“ - Охрид, Општина Дебрца и Општина Грамш од Албанија. сс/мс/

Остани поврзан