• среда, 18 декември 2024

Во еколошка акција во Велес засадени 50 садници со јасен

Во еколошка акција во Велес засадени 50 садници со јасен

Велес,12 декември 2024 (МИА) - Педесет садници со јасен се засадени денеска покрај бетонската патека на патот од поранешен ресторан „Охохо“ до црква „Света Недела“, на јужниот излез од Велес. Со неколку часовна доброволна работа дрвцата ги засадија осум ветерани од Здружението на граѓани „Велешки акцијаши и 15 млади ученици нивни подмладок - учениците од  ООУ„Васил Главинов“.

Делчо Костов, претседател на Здружението „Велешки акцијаши“ за МИА информира дека ветераните ги ископале дупките, а учениците ги засадиле дрвцата.

-Поради тоа што недостасуваа сенки до овој верски храм, посебно во летните горештини а кој е често посетуван од верниците од Велес и околината, ние одлучивме да засадиме млади дрвца покрај бетонската патека. Работевме тимски и на крај младите садници дрвца ги полеавме со вода. Сега останува на ветераните и подмладокот заеднички да ги надгледуваме како растат и да ги полеваме, потенцира Костов.

Тој за следната пролет најави други вакви и слични еколошки акции на ветераните заедно со својот подмладок - учениците од велешките училишта. Тој оцени дека подмладокот се вредни и потенцира оти се нивната гордост и иднина на оваа невладини здружение, кое ги промовира акцијашките вредности помеѓу младите во Велес.ад/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан