• петок, 27 декември 2024

Во дуалното образование во Велес годинава завршуваат првите матуранти Велес,7 февруари 2023(МИА)-Општина Велес во големата сала денеска беше домаќин на јавната трибина „Учи паметно, работи

Во дуалното образование во Велес годинава завршуваат првите матуранти  Велес,7 февруари 2023(МИА)-Општина Велес во големата сала  денеска беше домаќин на јавната трибина „Учи паметно, работи

Велес, 7 февруари 2023 (МИА) - Општина Велес денеска беше домаќин на јавната трибина „Учи паметно, работи стручно“ на која имаше социјален дијалог меѓу средните стручни училишта и приватните компании. 

Целта на настанот беше креирање на програмските политики на средните стручни училишта и подобрување на соработката со бизнис секторот. На јавната трибина се потенцираше потребата од дуално образование во наставните профили што овозможува учениците преку практична настава да се стекнат со потребните знаења и вештини и нивно директно вклучување во производствениот процес. Учениците на трибината, претставници од сите три средни стручни училишта од градот, истакнаа дека дуалното образование успешно се реализира и им овозможило освен теорија да се стекнат и со практика која по школувањето ќе им овозможи да си најдат и работа,

Директорите на сите три средни стручни училишта во Велес, истакнаа дека дуалното образование веќе четвртта учебна година  се спроведува во средните стручни училишта во Велес и за него има се поголем интерес кај учениците, а истото покажува и одлични резултати.

Во средното Економско училиште „Јовче Тесличков“ каде што се изучуваат профили од секторот економија, право и трговија, дуалното образование се практикува од оваа школска година во смерот економски техничар. Директорот Васко Трајковски истакна дека училиштето соработува со 15 компании во кои учениците ја изведуваат својата практична настава.

Тој за МИА појасни дека се работи за микро и мали компании и сметководствени бироа. Директорот најави дека следната учебна година освен за економски техничар ќе има и дуална паралелна за правен техничар, а кое дуално образование ќе се изведува во институциите од правен сектор.

Емили Петрова, ученичка во прва година во дуална паралелка економски техничар во Економското училиште „Јовче Тесличков“ во изјавата за МИА оцени дека е презадоволна од дуалното образование и посочи дека и е овозможена  добра практика во некои од сметководствените бироа, а затоа што планира нејзина професија да биде сметководител.

На денешната трибина, искуство од тригодишното учење преку работа сподели и директорката на ССОУ „Димитрија Чуповски“ Маја Хеско која информира дека со спроведување на дуалното образование во неколку профили, интересот кај учениците драстично се зголемил.

Во ССОУ „Коле Неделковски“ годинава излегува првата генерација на матуранти од дуалната паралелка - техничар за производно машинство. Директорката Весна Стојанова Богоевска истакна дека од изминатите четири школски години, дуално образование стекнуваат 75 ученици кои својата практична настава ја изведуваат во училиштето и во приватните компании како Маркарт, Брако и Ронтис.

Свои искуства од примената на дуалното образование споделија и дел од учениците во овие стручни училишта. 
Тие се повеќе од задоволни бидејќи не само што се стекнуваат со знаење и вештини преку практична работа, туку добиваат и стипендија од Министерството за образование и наука, како и паричен надомест од компаниите во кои ја извршуваат праксата.

Градоначалникот Марко Колев во своето обраќање до присутните најави дека заедно со општинската администрација и директорите на училиштата ќе се потруди да озвозможи услови да се отворат што е можно повеќе паралелки со дуално образование.

- Имаме соработка со МОН и Бирото за развој на образование сè со цел да извадиме што е можно поквалификуван кадар што ќе биде спремен да се вклучи во производството, најави градоначалникот Колев.

Претставниците од бизнис секторот во Велес истакнаа дека компаниите се отворени за ваква соработка, но и дека дел од нив се соочуваат со проблеми за кои побараа помош од надлежните институции.

Тие ја нагласија потребата од учество на учениците и директорите и на основните училишта на ваквите трибини. Воедно и воведување на посебни катчиња во сите основни училиштата преку кои учениците ќе се запознаат со профилите во средните училишта и ќе се определат во која насока ќе го продолжат своето понатамошно образование. ад/мс/

 

 

Остани поврзан