• среда, 27 ноември 2024

Во Демир Хисар се одржа буџетски форум за проекти во 2025 година

Во Демир Хисар се одржа буџетски форум за проекти во 2025 година

Демир Хисар, 25 ноември 2024 (МИА) - Општина Демир Хисар на јавен буџетски форум со граѓаните, утврди дел од проектите што со локални средства, но и со владина поддршка ќе се реализираат во 2025 година.

Градоначалникот Никола Најдовски информира дека со Владата е потпишан договор преку Министерство за локална самоуправа за четири проекти, а ќе се аплицира и за други комунални проекти.

-Следната година ќе се изврши реконструкција на две улици во село Белче, со вкупна должина од 963 метри, реконструкција на главна улица во село Единаковци и изградба на спортски комплекс со терен за кошарка и тениско игралиште во Демир Хисар. Исто така ќе се врши изградба на канализациона мрежа со пречистителна станица за отпадни води за село Вардино, со обезбедени средства од Европска инвестициона банка, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, потоа доизградба на водоводна мрежа во село Слепче, како и реконструкција на улица „Маршал Тито“ и дел од улица „Вељко Влаховиќ“, во должина од 1.400 метри, проект кој се реализира преку Министерството за транспoрт, посочи Најдовски.

Учесниците на буџетскиот форум, претставници на урбани и месни заедници од Општина Демир Хисар беа информирани дека е подготвена техничка документација за околу дополнителни 10 проекти, а за кои е планирано аплицирање на дополнителните јавни повици од страна на Владата за 2025 година. мт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан