• четврток, 17 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Демир Капија вчера средба на повеќедецениски вработени во Специјален завод оддел депанданс 

Во Демир Капија вчера средба на повеќедецениски вработени во Специјален завод оддел депанданс 

Демир Капија, 13 април 2025 (МИА) - Повеќедецениски вработени лица во оддел депанданс при Специјален завод Демир Капија, установа за згрижување на лица со попреченост, меѓу кои повеќето сега пензионери, вчера попладне остварија заедничка средба, на која ги споделија сеќавањата за заедничката работа околу грижата на лицата кои беа жители во установата, информираше денеска за МИА, Петар Николов, дефектолог и поранешен директор во институцијата. 

-Меѓу нас беа, лица што биле вработени таму, од отворањето на заводот во јуни 1970 година. Лицата со попреченост живееја таму со години во заводот и во Демир Капија, заводот и Демир Капија беа нивното семејство. Најголем дел од лицата со попреченост сега се деинституционализирани и живеат во станбени единици од по неколку лица, со поддршка од стручни лица и асистенти, појасни Николов. 

Средбата била реализирана на негова иницијатива. 

-Лицата со попреченост, некогаш над триста во целиот завод, а во депанданс околу 130, на чија поддршка сите ние го посветивме својот работен век, беа нашето второ семејство, покрај најблиските од нашите фамилии. Заеднички постигнавме многу резултати, иако морам да признам дека имавме и тешки моменти полни со неизвесност. Сепак зад нас се едни убави времиња на кои и ние вработените и нашите пријатели лица со попреченост кои престојуваа овде, со радост се сеќаваме и ги прераскажуваме, рече Николов за МИА. 

Тој подвлече дека Демир Капија уште многу одамна му покажа на светот како не треба да се има предрасуди кон различните од нас и како заедницата треба да биде инклузивна кон ваквите лица. свд/вј/

Фото : Петре Пашоев 

Остани поврзан