• недела, 24 ноември 2024

Во Делчево се одржа традиционалната Априлијада 

Во Делчево се одржа традиционалната Априлијада 

Делчево, 1 април 2024 (МИА) - Граѓаните на Делчево денеска можеа да уживаат во дефилето од стотици различни креации на маски по повод традиционалниот настан во чест на Денот на шегата, 1 Април. Априлијадата е во организација на Општина Делчево, Детската градинка „Весели Цветови” и деветолетките „Св.Климент Охридски” и „Ванчо Прке“.

-Голем број маски беа изработени од нивните рачиња заедно со нивните воспитувачки, наставнички и родители. А потоа граѓаните уживаа и во пригодната програма која беше подготвена од воспитувачкиот и наставничкиот кадар. Ден на шегата е традиционален празник кој се одржува на први април, кога луѓето прават шеги и изненадувања едни на други, истакна модераторот на настанот Даниела Николовска.

Денот, како што додаде таа, е посветен на забавата и смеењето, каде што сите имаат можност да се забавуваат и да го испробаат својот креативен хумор. 

-Од класичните шеги како ставање сол во шеќерникот, до измислување на веродостојни известувања за несекојдневни настани, сè е дозволено на овој ден. Важно е, меѓутоа, да се земе предвид дека шегите треба да бидат ненавредливи и да не го нарушуваат чувството за хумор на другите луѓе, додаде Николовска.

Денот на шегата на дечињата им го честиташе и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој им посака на учениците да уживаат во детската игра и забава секој ден за време на училиштето. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан