• четврток, 26 декември 2024

Во Делчево одржан завршен настан од проектот ,,Суперучилишта"

Во Делчево одржан завршен настан од проектот ,,Суперучилишта

Делчево, 29 април 2023 (МИА) - Во Делчево синоќа се одржа завршниот настан од проектот „Суперучилишта" во кој втора година учествуваат училиштата „Методи Митевски - Брицо" од Делчево и Средна стручна школа од Пирот, Република Србија. Суперучилишта е програма на RYCO за училишна размена во регионот со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и интеркултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. 

Во обраќање на завршниот настан од проектот, директорката на делчевската гимназија Дијана Цонева кажа дека очекува продолжување на соработката помеѓу двете училишта, која со искуствата што ги имаа во овие две години има огромен бенефит во усовршувањето на знаењата кај учениците.

-Полека дојде крајот на нашето дружење во кое научивме заеднички и интересни работи, но секако нема да застанеме овде, понатаму продолжуваме со заедничката соработка помеѓу двете училишта. Се надевам дека ви понудивме интересни содржини преку кои можевте да го запознаете нашиот град Делчево со неговиот економски и културен развој, како и воспитно образовниот процес во нашето училиште. Голема благодарност до сите кои помогнаа и се вклучија во успешната реализација на проектот како градоначалникот, свештенството при црквата, свештенството при исламската заедница, економските субјекти, КУД „Гоце Делчев", НВО ,,КХАМ" и РЦЗ ,,Делчево", истакна Цонева.

Ученичката Наталија Дамјанова од Делчево истакна дека како ученици во изминатата една недела имале можност да се вклучат во повеќе активности дизајнирани за да го прошират нивното знаење.

-Тие активности беа на тема интеркултура, идентитет и култура, активности за пронаоѓање на мир, како и многубројни работилници за градење на тим и пријателство, рече Дамјанова.

Младиот Алекса Рамадановиќ од училиштето од Пирот истакна дека прв пат е надвор од Србија и за првпат учествува во ваков проект.

-Навистина  ми е драго што сум овде и што баш мене од толку ученици ме избраа да учествувам. Се надевам дека кога и тие ќе дојдат повторно ќе се дружиме, рече Рамадановиќ.

Локалниот координатор Желеанка Демирова во името на сите учесници во проектот додели симболични награди за дел од учениците кои учествуваа во одржаните работилници.

Крај на првиот дел од проектот „Суперучилишта" групата од двете училишта означи со пуштање балони со логото на проектот, потенцирајки на симболиката на повторно нивно среќавање во рамки на вториот дел од проектот кој ќе се реализира во Пирот. Програмата во чии рамки се реализира проектот „Суперучилишта" е дел од мултидонаторскиот проект „Програма за размена на училишта во Западен Балкан“ кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO). вс/лв/

 

Остани поврзан