• четврток, 26 декември 2024

Во Делчево одбележан Денот на победата над фашизмот

Во Делчево одбележан Денот на победата над фашизмот
Делчево, 9 мај 2022 (МИА) - Во рамки на свеченоста по повод 9 Мај - Ден на победата над фашизмот пред споменикот во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија, делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Горан Трајковски, претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани. Во рамки на настанот, членови на КУД „Гоце Делчев“ одржаа пригодна програма и реферат за значењето на НОБ и победата над фашизмот, како и за Денот на Европа, како симбол на заедништво и создавање на Европа. - На 9 мај во 1950 година од страна на Роберт Шуман е презентиран предлогот за создавање организирана Европа, како опција за одржување на мирот на разурнатиот и поделениот континент. Предлогот, попознат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што денеска го знаеме како Европска Унија, истакнаа во пригодниот говор по повод значајниот датум, членовите на КУД „Гоце Делчев". Во пресрет на одбележувањето на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, избледените имиња на спомен плочата на паднатите борци беа изгравирани и обновени повторно, исто како и нивната порака „Сонцељубиви, зар без вас ќе бевме она што сме, не смрт без слобода, не без Македонија". вс/цр

Остани поврзан