• среда, 27 ноември 2024

Во Делчево објавен јавен повик за конституирање Локален младински совет 

Во Делчево објавен јавен повик за конституирање Локален младински совет 

Делчево, 10 март 2021 (МИА) - Општина Делчево објави Јавен повик за номинирање членови на иницијативен одбор. Овој одбор, како што информираа од Општинатa, ќе учествува во процесот за избор на членови на Локалниот младински совет.

- Иницијативниот одбор ќе брои пет членови и ќе ја има улогата да го формира Локалното собрание за млади. Право да поднесат пријава со која ќе номинират свои претставници, жители на Општина Делчево што ќе учествуваат во процесот на конституирање на Локалното собрание за млади, имаат сите младински организации, организации на млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување кои имаат активности на ова подрачје, истакнаа од Општината.

Обврската на Локалниот младински совет, како советодавно и претставничко тело за младински прашања и политики ќе биде да учествува во работата на Советот на Општина Делчево, да иницира и да дава повратни информации за процесот на локална младинска стратегија и други политики, како и да доставува информации до надлежните за прашања кои се однесуваат на младите преку советодавни и застапувачки работи во согласност со законот за младинско учество и младински политики.

- Членовите на иницијативниот одбор ќе бидат континуирано вклучени во активностите за формирањето на Локалниот младински совет на Општина Делчево, сѐ до формирањето на Локалното собрание за млади. Потребните документи за пријавување, како и начинот, рокот и местото на поднесување на пријавите се опишани во Јавниот повик, објавен на општинската веб-страница, додадоа од Општината.

Оттаму дополнија дека функцијата на Иницијативниот одбор завршува со свикување на првото Локално собрание на млади.

Крајниот рок за поднесување на пријавите во врска со овој јавен повик е 24 март 2021 година. вс/бт/ 

Остани поврзан