Во Делчево започна одбележувањето на празникот на градот
Делчево, 5 септември 2022 (МИА) - Со свечено пуштање во употреба на новата конгресната сала во Средното-општинско училиште „Методија Митевски Брицо“ во Делчево започна одбележувањето на празникот на градот. Салата е инвестиција на самото училиште за што од сопствени средства на гимназијата се издвоени 3,5 милиони денари.
Како што посочи директорката Дијана Цонева, со реконструкција на старата спортска сала градена во 1961 година со посветена работа и ценејќи ја потребата на училиштето, изградена е нова модерна конгресна сала која ќе се користи за свечени академии кои ќе ги организира училиштето.
- Спортската сала последните години не беше во функција. Сега, овој простор ќе биде искористен на најдобар можен начин од нашите ученици, персоналот и сите наши сограѓани. Оваа сала ќе се користи за свечени академии, состаноци, класни часови, работилници, за дебата на учениците, часови по музичка уметност, за обуки, семинари потоа, презентација на проекти, разни работилници на кои ќе учествуваат и учениците и професорите, рече Цонева.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој присуствуваше на настанот посочи дека оваа инвестиција е резултат на домаќинско работење на самото училиште, a Општината, како што додаде, секогаш ќе биде партнер на амбициозните проекти на општинските училишта.
- Кога се сака да се направат промени, кога се има идеја, кога се работи одговорно и кога имаш за цел како да се унапреди образовниот процес и како да се подобрат и осовременат условите за работа во училиштето, тогаш резултатот е нова инвестиција во интерес, не само на учениците и наставниот кадар на училиштето, туку и на цела општина. На СОУ „М.М.Брицо“ честитам за успешно реализираниот проект кој е дело на Гоце Попов и архитектонското студио ГПА Архитекти и да продолжат одговорно да работат и да ги реализираат сите планирани проекти во иднина, рече Трајковски.
Со пуштањето во употреба на конгресната сала во Делчево, во чии рамки беше изведена и културно-уметничка програма, започнаа настаните организирани по повод одбележувањето на 78 години од ослободувањето на Делчево и 31 година од независноста на РСМ. По тој повод во текот на утрешниот ден, во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ ќе се одржи „Вечер на староградска песна“ посветена на прерано починатиот музичар, Слободан Илиоски, а настаните продолжуваат в среда со пуштање во работа на градската фонтана, свечена седница на Советот и промоција на новото дело на плодниот автор Драган Арсовски и Софрон Ѓеоргиевски. вс/ар/