• среда, 25 декември 2024

Во Дебар против сезонски грип имунизирани 90 лица од Жупа и подрачјето на Река

Во Дебар против сезонски грип имунизирани 90 лица од Жупа и подрачјето на Река

Дебар, 21 октомври 2024 (МИА) - Во дебарската работна единица на Центарот за јавно здравје-Охрид денеска, на првиот ден од почетокот со имунизација, аплицирани се 90 дози вакцини против сезонски грип, сите бесплатни.
 
- За бесплатна вакцина, до денес, пријавени се над 300 лица, главно постари од 65 години и хронични болни. Денеска почнавме со вакцинација и аплициравме деведесет дози. По ист број дози планираме и во наредните денови.  Располагаме и со  комерцијалните вакцини кои чинат по 700 денари. Работиме од 7:30 до 15:30 часот, изјави за МИА докторката Виолета Шеху, специјалист микробиолог во центарот.

Според неа, имунизацијата се реализира без проблеми, а граѓаните доаѓаат според терминот добиен по СМС-порака.

-Се вакцинирам редовно, ако добро паметам 12 години по ред и задоволен сум од ефектот на вакцината. Имам добро искуство, бидејќи зимскиот периодот го минувам без проблеми. Припаѓам на групата возрасни над 65-годишна возраст, пензионер, и им препорачувам на сите да не се двоумат и да се имунизираат. Сум се вакцинирал и претходно со комерцијални вакцини, здравјето мора да го заштитиме, ни изјави Мети Даци, по примената доза вакцина.

Според докторката Шеху, и годинава, тука, во ова единица, се имунизираат лица од општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата активност ги покрива дебарската единица, потоа  жителите од подрачјето на Долна Река, општина Маврово  Ростуше, како и граѓани од други градови кои во овој период се во нивните родни места, а кои во апликацијата го навеле Дебар како пункт за вакцинација.

Минатата година биле потрошени над 600 дози што е најголема бројка.  Во изминатите години таа бројка се движеше од 300 до 400 дози. вт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан