• среда, 25 декември 2024

Во Дебарско лани стотина бебиња, четириесеттина помалку од претходната година

Во Дебарско лани стотина бебиња, четириесеттина помалку од претходната година

Дебар, 5 јануари 2024 (МИА) – На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа продолжува падот на стапката на наталитет, што пред сè е последица на масовната миграција на младите во странство, но и во градовите низ државата.

Во текот на минатата година до двете општини на свет дошле стотина бебиња, што е за четириесеттина бебиња помалку споредено со претходната година.

Како и изминатите години повеќе од мајките своите рожби на свет ги донеле во гинеколошките одделенија во општите болници во Охрид и Струга.

- Во 2023 година во одделението на нашата болница родени се 42 бебиња од дебарското подрачје, што е за 22 бебиња помалку споредено со претходната година. И првороденото бебе годинава беше од ова подрачје, односно на родители од селото Брештани, општина Центар Жупа, изјави за МИА, Арменд Арслани, директор на Општа болница-Струга.

Мајката Елма Зекир и бебето добиле подароци од болницата а од општина Струга и 15.000 денари.

Последните години расте бројот на мајките, кои одлучиле да се породат во општата болница во Охрид.

- Во одделението на нашата болница во календарската година, која е зад нас, имавме 46 новороденчиња, чии мајки се од Дебар и од општина Центар Жупа. Споредено со претходната година станува збор за 6 бебиња помалку. Во изминатите денови од овој месец имаме едно бебенце на родители од овој крај, изјави за МИА, Асен Шајн, директор на Општа болница во Охрид.

Во Гинеколошкото одделение во дебарската општа болница со проширена дејност, која со здравствена заштита ги покрива двете општини, бебешки плач се слушал петпати во текот на целата 2023 година, што е за 13 бебиња помалку споредено со претходната година. Во новата 2024 година сè уште не се слушнал бебешки плач.

Дел од дебарските родилки, како и изминатите години се породиле во клиниките во Скопје, каде светлото на денот првпат го виделе десеттина бебиња.

Според статистиката во 2021 година во ова подрачје имало околу 160 новороденчиња, следната околу 130 а минатата година стотина новороденчиња. вт/цр

Фото: Општа болница Дебар - МИА и општина Струга 

Остани поврзан