• среда, 25 декември 2024

Во Грција формирана работна група за справување со можни случаи на морбили

Во Грција формирана работна група за справување со можни случаи на морбили

Атина, 5 февруари 2024 (МИА) – Поради зголемениот случаи на морбили во Романија, Франција, Велика Британија и Австрија и потврдени два случаи во Грција од почетокот на годинава, со одлука на раководство на Министерството за здравство и на иницијатива на претседателот на Националната организација за јавно здравје формирана е работна група за справување со можни случаи на морбили и зголемување на имунизациската покриеност во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ) соопштија дека на одржаниот состанок, работната група донела одлуки и превентивни мерки, како што се: информирање на населението за проверка на навременото завршување на вакцинацијата со две дози; информативни кампањи; соработка со невладина организација за масовна вакцинација во ромските населби; информирање на центрите за прием на бегалци и мигранти; информирање на медицинскиот персонал, како и информирање на патниците да бидат вакцинирани пред нивното патување, особено во земјите со епидемии. 

Од ЕОДИ информираа дека последната епидемија на мали сипаници во Грција била во 2017-2018 година со над 3.200 случаи, лани и преклани не биле пријавени случаи, а од почетокот на годинава потврдени се два случаи кај возрасни, кои биле во контакт со лице кое живее во земја со епидемија на морбили. 

Објаснија дека врз основа на меѓународните епидемиолошки податоци и високата преносливост на болеста, веројатноста за појава на епидемии се смета за висока, но во Грција резултатите од студијата за имунитетот на населението од периодот 2020-2021 година, покажале дека 89,8 отсто од учесниците во истражувањето имале антитела. 

-Според горенаведеното, јасно е дека во оваа фаза нема причина за особена загриженост, но надлежните органи мора да бидат будни и населението од нашата земја да биде информирано и да ги следи препораките на надлежните органи, соопштија од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ). ср/сд/

Остани поврзан