• сабота, 23 ноември 2024

Во Грција регистриран првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил 

Во Грција регистриран првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил 

Атина, 5 јули 2024 (МИА) – Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), денеска соопшти дека во земјата е дијагностициран првиот случај на заразен со вирусот Западен Нил за 2024 година, а најверојатно инфекцијата е во општина Лариса, регионот што лани беше еден од главните центри на циркулација на вирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од ЕОДИ соопштија дека според нивните процени, оваа година, циркулацијата на вирусот може да биде интензивна, поради благите температури во текот на зимата и препорачаа преземање превентивни мерки против комарците.

-Вирусот на Западен Нил главно се пренесува со каснување од заразени „обични“ комарци, кои се инфицирани од заразени (главно диви) птици. Заразените луѓе дополнително не го пренесуваат вирусот на други комарци или на други луѓе (со директен контакт). Повеќето луѓе кои се инфицираат воопшто не се разболуваат или имаат само благи симптоми, додека мал процент (помалку од еден отсто од оние кои се инфицираат) развиваат тешка болест која влијае на нервниот систем (главно енцефалитис или менингитис). Постарите луѓе (над 50 години), како и лицата со имуносупресија и хронични основни болести, се повеќе изложени на ризик сериозно да се разболат, пишува во соопштението од Националната организација за јавно здравје на Грција.

Вирусот во земјата беше присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51. 

Лани, во Грција биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица. ср/рп/

Остани поврзан