• недела, 24 ноември 2024

Во Грција потврден првиот случај на „Кентаур“ - новата подваријанта на Омикрон

Во Грција потврден првиот случај на „Кентаур“ - новата подваријанта на Омикрон
Атина, 14 септември 2022 (МИА) – Во Грција е потврден првиот случај на подваријантата на Омикрон ΒΑ.2.75.2, позната како „Кентаур“, јави дописничката на МИА од Атина. Според Националната организација за јавно здравје на Грција од анализирани 664 примероци по случаен избор од периодот од 22 јули до 4 септември, кај сите била потврдена варијантата Омикрон (B.1.1.529), а кај еден примерок била идентификувана подваријантата BA.2 (BA.2.75.2). Во однос на ситуацијата со пандемијата во Грција, во периодот од 5 до 11 септември биле потврдени 33.590 случаи на Ковид-19, од кои 22 проценти се реинфекции, а починале 129 лица. Бројот на смртните случаи е за 30 проценти помал во споредба со една седмица претходно, а кај заразените има намалување за 17 отсто. Во конкретниот период биле направени 580.195 тестови, со стапка на позитивност 5,79 отсто. Од почетокот на пандемијата во Грција се потврдени 4.838.811 случаи на Ковид-19, а починаа 32.894 лица. Паралелно, од денеска во земјата започна имунизацијата со ажурираните вакцини против Ковид-19 кои заштитуваат од варијантата Омикрон, а вакцините ќе се користат само како прва или втора бустер доза, односно само за оние кои се веќе вакцинирани со две или три дози. Приоритет имаат граѓаните над 60 годишна возраст и лицата со здравствени проблеми, а ажурираните вакцини се мРНА вакцини на Фајзер и Модерна . ср/сд/

Остани поврзан