• петок, 27 декември 2024

Во Грција згрижени над 2.500 деца бегалци без придружба

Во Грција згрижени над 2.500 деца бегалци без придружба
Атина, 12 јануари 2022 (МИА) – Во Грција се згрижени 2.576 деца бегалци без придружба, бројка што е повеќе од двојно помала во споредба со февруари 2020 година, согласно податоците од Министерството за миграција и азил на Грција, што на прес конференција ги презентираше заменик- министерката Софија Вултепси и поранешната генерална секретарка за заштита на децата бегалци без придружба Ирини Агапидаки, јави дописничката на МИА од Атина. Во првата половина на февруари 2020 година бил регистриран најголем број деца бегалци без придружба, вкупно 5.424, а според последните податоци, заклучно со 9 декември минатата година, 2.576 деца се згрижени во Грција, од кои повеќе од половина (1.592) се сместени во специјалните центри за нивно згрижување, а во центрите за прием и регистрација на островите Лезбос, Хиос, Самос и Кос се 237 деца, бројка што исто така е намалена во споредба со истиот период пред две години. Во март 2020 година беше формиран специјалниот секретаријат за заштита на децата бегалци без придружба, а како што беше презентирано на денешната прес конференција, националната стратегија за заштита на децата бегалци се базира на четири основни активности: подобрување на системот за прием и згрижување и гарантирање на правата на децата без придружба; изнаоѓање и спроведување одржливи решенија за секое дете; заштита од сите форми на насилство или експлоатација и модернизација на собирањето податоци за децата без придружба. Паралелно, беше спроведена и програмата за релокација со поддршка од ЕК и во соработка со земји-членки на Европската унија и досега, од април 2020 година до декември 2021 година беа релоцирани 1.093 деца во Белгија, Бугарија, Франција, Германија, Швајцарија, Ирска, Италија, Хрватска, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија и Финска. Според специјалниот секретаријат за заштита на децата бегалци без придружба, стратешката цел на Грција е долгогодишно згрижување на 2.500 деца бегалци без придружба. ср/сд/

Остани поврзан