• среда, 25 декември 2024

Во Грција активни 130.000 случаи на Ковид-19

Во Грција активни 130.000 случаи на Ковид-19
Атина, 22 март 2022 (МИА) - Текот на пандемијата во Грција покажува јасен нагорен тренд во последните две-три седмици, во просек новите случаи во изминатите седум дена повторно надминаа 20.000, додека вкупниот број активни случаи на територијата се зголеми на 130.000, рече професорката епидемиолог Вана Папаевангелу на редовната прес-конференција за ситуацијата со Ковид-19 во Грција и откри дека е зголемен и бројот на реинфекции, јави дописничката на МИА од Атина. Таа објасни дека во изминатата седмица, во просек 7,6 отсто од тестовите биле позитивни, а и покрај зголемениот број новозаразени стабилна е ситуацијата во здравствениот систем, додавајќи дека порастот се должи и на постепената доминација на подваријантата на Омикрон, Омикрон 2. А, токму конкретните варијанти, според Папаевангелу, се причината за „значително поголем број на реинфекции, односно граѓани кои се разболуваат по вторпат“. - Додека повторната инфекција беше релативно ретка до декември минатата година, според последните податоци на Националната организација за јавно здравје од почетокот на 2022 година се евидентирани речиси 90.000 случаи поврзани со реинфекција. Повторните инфекции се однесуваа на сите возрасти, просечната е 27 години, а во просек времето помеѓу двете инфекции е околу осум месеци, рече професорката. Алтернативната министерка за здравство на Грција, Мина Гага порача дека „треба да научиме да живееме во новата реалност“, бидејќи новите случаи се секојдневни, но граѓаните треба да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките. Паралелно соопшти дека во Грција пристигнале таблетите на Фајзер. ср/паг/

Остани поврзан