Во Гостивар промовиран огранок на „Движење за прогресивни промени“
- Поддржувачите и симпатизери на „Движење за прогресивни промени“ вечерва присуствуваа на официјалната промоција на огранокот во Гостивар. Промоцијата на новото здружение на граѓани во Гостивар се одржа во малата сала на Центарот за култура „АСНОМ“.
Гостивар, 25 април 2023 (МИА) – Поддржувачите и симпатизери на „Движење за прогресивни промени“ вечерва присуствуваа на официјалната промоција на огранокот во Гостивар. Промоцијата на новото здружение на граѓани во Гостивар се одржа во малата сала на Центарот за култура „АСНОМ“.
На вечерашниот настан покрај гости од веќе формираните граѓански здруженија низ државата, обраќање имаше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриески. Тој напомена дека ова движење може да прерасне во нов политички субјект и самостојно да настапи на следните парламентарни избори со концепт според кој беше создадено и движењето „За наше Куманово“, формирано за локалните избори. Димитриевски напомена дека тој концепт треба да понуди прифатливи политики за воведување на економски развој и владеење на правото во земјава.
Првиот човек на гостиварското здружение Љубомир Величковски во обраќањето се осврна на состојбите во земјава кои, како што напомена, се провлекуваат триесет години наназад и довеле до голем бран на иселување.
- Вечерва тука сме собрани, во ова политичко сивило, затоа што сме ја забележале храброста и идејноста на еден човек кој се двои од клишеата на останатите политичари со нејасни планови за иднината на нашата држава. Сакаме да живееме во Македонија без корупција и криминал, со еднаков пристап до правда за сите и граѓанска еднаквост која се темели на АСНОМска Македонија, рече Величкоски.
Тој напомена дека е формиран иницијативен одбор, составен од седум члена кој ќе соработува со здружението низ повеќе градови во државата.
Во план е формирање на дваесетина здруженија/ограноци, а веќе функционираат во Куманово, Прилеп, Крушево, Кочани и Тетово, а во септември и здружение во Скопје. згм/мд/