• четврток, 26 декември 2024

Во гимназиите во Дебар и Центар Жупа, во прва година, пополнети само 103 од предвидените 340 ученички места

Во гимназиите во Дебар и Центар Жупа, во прва година, пополнети само 103 од предвидените 340 ученички места

Дебар, 22 август 2024 (МИА) – Во гимназиите „28 ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа по двата уписни рока не е пополнета предвидената квота за упис во прва година.

Како што потврдуваат за МИА од двете училишта, пополнети се само 103 од предвидените 340 ученички места, што е околу 24 отсто.

Во дебарската гимназија во двата уписни рока запишани се 81 ученик, што значи дека непополнети се 191 место.

- Во второто пријавување запишани се 35 завршени деветоодделенци, од нив 10 за настава на македонски и 25 на албански наставен јазик. Во двете пријавувања во првиот уписен рок се запишаа 46 ученици, 13 за настава на македонски и 33 се за паралелките на албански наставен јазик. Тоа значи непополнети се 79 за настава на македонски и 112 на албански наставен јазик, рече за МИА, Афрона Леши, претседателка на Комисијата за спроведување на уписот.

Додаде дека уписот во ова образовна установа продолжува поради фактот што дел од учениците се соочиле со проблем при електронското пријавување.

- Во нашата гимназија вчера, во рамки на вториот уписен рок, запишани се само двајца ученици за настава на турски наставен јазик а за настава на македонски не се пријави ниту еден ученик. Со запишаните во првиот уписен рок вкупната бројка е 22 ученика, од нив 18 за турски, додека четворица за македонски наставен јазик, изјави за МИА Сабри Асан, директор на гимназијата „АТА“.

Според него врз основа на конкурсот на МОН, право на упис имале 68 ученици, во две паралелки, односно по 34 на двата јазика.

Главната причина е масовната миграција, која услови години на ред намалување на бројот на учениците, како во основното така и во средното образование, во двете општини. вт/ир

Фото: МИА архива

Остани поврзан