• четврток, 26 декември 2024

Во галеријата Галатека во Букурешт отворена изложбата на Мице Јанкуловски

Во галеријата Галатека во Букурешт отворена изложбата на Мице Јанкуловски

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Во галеријата Галатека Букурешт, во Романија, синоќа беше отворена самостојната изложба на слики од Мице Јанкуловски насовена  "Надвор од црното".

Автор на концептот на поставката е Корнелија Конеска, а куратор еАнка Боериу, универзитетски професор на Националниот универзитет за уметност на Романија

Како што се наведува за изложбата, Основниот мотив е визуелен  одговор на прашањето: „Што има надвор од границите“? Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои) црната ги апсорбира сите бои и се доживува како граница каде сите бои завршуваат. Дали е така?  Што е зад, или подобро надвор од црното?  Според перцепцијата на Јанкуловски - повеќекратна реалност!

-Концептот на изложбата е една од тие реалности. Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и различни реалности, но како докажан минималист – ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со различни растери со црн акрилик. Конечниот резултат се постигнува со мултипликација на формите и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси, се наведува во соопштението.

Постановката ја сочинуваат делата: Ноќите на Тоскана, 2019 (сегмент) - Полиптих од 10 слики, акрилик на платно, 195 x 1950 cm (195 x 195 cm / секоја), Круговите на Леонардо, 2020 (сегмент) - Полиптих од 4 слики, акрилик на платно, 195 x 780 cm (195 x 195 cm / секоја), Хоризонтален свет, 2021 година - Полиптих од 4 слику, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm / секоја) и Дијагонален свет, 2021 година - Полиптих од 4 слику, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm / секоја).

За творештвото на Јанкуловски, се наведува дека како уметник, повеќе од пет децении континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал низ повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми...), заради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.

Јанкуловски првенствено се занимава со истражување, или поточно барање на различните форми кои ги поставуваат темелите за создавање уметност. Неговите интереси вклучуваат испитување на врските меѓу формите и просторот, нивното взаемно влијание и како формите се движат во даден простор. Кога се набљудуваат неговите слики и цртежи, може да се забележи дека доминантни се геометриските форми, но на крајот тие еволуираат во поорганска и невоздржана форма. Рабовите на овие форми играат клучна улога во дефинирањето на просторот и овозможуваат тој да функционираат како кохезивна целина.

Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја. Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на позадината или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултиплукација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела како полиптиси.

Веднаш треба да се забележи дека црното, „небојата“ како што понекогаш се дефинира, е единствениот протагонист на делото,... покрај светлината – како составен дел на конечниот резултат.

Во однос на просторната организација на концептуалните дела од повеќе делови, Јанкуловски секогаш се труди да обезбеди можност за нивно читање без разлика на позицијата на деловите, за да можат да се набљудуваат поставени на различни начини – резултат на неговиот првичен интерес за палиндромите (зборови  кои читаат исто напред како назад).

Индивидуалниот творечки потпис во делата на Јанкуловски се стреми кон контемплативност и медитативност со претставување на постојаната различност на универзалниот поредок. Неговата потреба да ги пренесе горенаведените односи во (речиси) дводимензионални дела е на ниво на филозофска интерпретација, при што секое дело има своја приказна и отвора мноштво нови димензии.

Неговото најново уметничко творештво е истражување со карбон (најцрната позната црна боја) - боја откриена со најновите нанотехнологии, која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното. вг/

Фото: Мице Јанкуловски

 

 

Остани поврзан