• вторник, 12 ноември 2024

Во вторник во Собрание ќе биде доставен составот на новата влада

Во вторник во Собрание ќе биде доставен составот на новата влада

Скопје, 12 јуни 2024 (МИА) – Во вторник на 18 јуни до Собранието ќе биде доставен официјалниот список на членовите на новата влада, а во недела на 16 јуни ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седници на Извршниот и на Централниот комитет на кои ќе биде утврден списокот на новите членови на владата од Коалицијата „Твоја Македонија“, информира денеска мандатарот Христијан Мицкоски.

-Овој викенд во недела ќе биде одржана седница на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на кои ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар. Очекувам Централниот и Извршниот комитет да се произнесат и доколку е позитивно да и бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната влада заедно со програмата на работа ќе бидат доставени во вторник на 18 јуни во македонското Собрание, изјави Мицкоски пред почетокот на Генералното собрание на ЗЕЛС.

Нагласи дека не може да зборува од името на другите партии и коалиции кои се во состав на новата влада за тоа кои ќе бидат нивните кадровски решенија.  Потврди дека во новата влада ќе има претставници на коалициите „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и „ВРЕДИ“ и на движењето „ЗНАМ“, а во опозиција ќе бидат коалицијата „Европски фронт“, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија Левица.

-Со тоа ќе биде реализирано и второто ветување кое го дадовме на изборите. Првото ветување беше реорганизација на составот на влада, второто ветување е ДУИ во опозиција, третото ветување 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори која ќе ја види македонската јавност на 25 јуни, порача Мицкоски.

За поддршка на Законот за реорганизација и работа на органите на државната управа, како што рече, побарал поддршка од сите и разговарал и со СДСМ.

-Гласаа пратеници од ДУИ точно, но од коалицијата „Европски фронт“ гласаа и пратеници кои се дел од Турската демократска партија, од Демократската партија на Албанците и други пратеници кои не се од ДУИ. Очекувавме да гласаат и пратениците кои се дел од  коалицијата предводена од СДСМ и пратениците од политичката партија Левица, рече Мицкоски.

Во идната влада, како што посочи, повеќе нема да има економски директори во здравствените установи, ќе има еден клинички центар, ќе се укинува позицијата заменик директор онаму каде што постои, за 20 отсто ќе се намалат членовите на управните одбори, ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90.

-Во првите 100 дена од Владата ќе се реализираат многу од овие ветувања,  потенцира Мицкоски. вј/нд/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан