• четврток, 26 декември 2024

Во Велешко започна „Програмата здравје за сите“ попозната како „Рурален доктор“

Во Велешко започна „Програмата здравје за сите“ попозната како „Рурален доктор“
Велес, 7 март 2022 (МИА) - ЈУ Здравстен дом Велес денеска започна со спроведување на „Програмата здравје за сите“ за 2022, кај населението позната како „Рурален доктор“ со посета на руралните населени места во поширокиот велешки регион. Директорката д-р Виолета Петкова за МИА информира дека медицинска екипа од здравствената установа, денеска била во посета на населението од село Еловец, Општина Чашка. Жителите од ова населено место воглавно постари лица денеска имаа можност да извршат превентивни прегледи за навремена контрола на крвниот притисок, телесната тежина, одредување шеќер и маснотии во крвта кои се  битен елемент за навремено спречување на појава на кардиоваскуларни заболувања. Кардиоваскуларните и респираторните болести се најчести заболувања кај населението како во светски рамки така и во земјава, вели Петкова. Вакви посети кои се на секое два месеци шест пати во годината, во селата во велешкиот поширок регион вклучувајќи ги и општините Чашка и Градско, а ќе се реализираат и во селата Кумарино, Долно Чичево, Стари Град Ораовец и други села. Инаку, веќе повеќе години наназад во селата од поширокиот велешки регион се затворени државните примарни  амбуланти. Единствено планинското село Горно Јаболчиште има приватна ординација со лекар, а  под концесија  во државната амбуланта. Жителите од овие села со години наназад алармираат дека посетата на лекар на два месеци не е доволна, особено кога станува збор за итен случај. Овие жители со години од државата и здравствените институции бараат повторно отворање на амбулантите, барем во поголемите села, бидејќи често и за своите итни здравствени проблеми и во животозагрозувачка состојба засега мора да бараат доаѓање на екипа Итна помош од Велес. Велат дека за да стигне возилото со екипата во тешка здравствена состојба мораат да чекаат час, па и повеќе во зависност од оддалеченоста на нивното село од Велес, а има случаи и кога за жал поради оддалеченоста на нивните села од Велес, тие и не дочекуваат доаѓање на Брзата помош. Моментално за редовни здравствени прегледи жителите од велешко мора да дојдат во амбулантите во Велес, од селата од општина Чашка во амбулантата во Чашка, а од селата од Општина Градско во амбулантата во Градско.ад/свс

Остани поврзан