• четврток, 26 декември 2024

Во велешкиот театар вечерва првпат ќе биде изведена претставата „Едвард Втори“

Во велешкиот театар вечерва првпат ќе биде изведена претставата „Едвард Втори“

Велес, 9 септември 2023 (МИА) - Претставата „Едвард Втори“ ќе биде изведена вечерва на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, со почеток во 20 часот. Нејзината премиера беше на 6 август на „Охридско лето“, а вечерва првпат ќе се одигра на матичната сцена.

Претставата „Едвард Втори“ е во режија на Андиј Жолдак, а работена според текст на Кристофер Марлоу, копродукциски проект на НУЦК Театар  „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Н.О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.

Во претставата главниот лик Едвард Втори е поделен на две улоги кои истовремено ги реализираа двајца актери, Илин Јованоски и Бугаринот Борис Крстев. Во главната  женска улога пак, настапи Јована Миладинова.

Темите на главната драма се односот татко и син, во отсуство на мајката, мотивите на моќта и луксузот а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност. Исто така, бракот на Едвард и создавањето семејство. Понатаму, промената на сексуалната ориентација на Едвард и неговата страсна љубов кон мажите.

Смртта на таткото, на кралот, а со тоа и исчезнувањето на сите бариери и пречки за синот. Лудилото на напуштената жена – сопругата и кралицата и планот да се убие сопругот. Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината.

Од театарот потенцираат дека претставата не е наменета за лица помлади од 16 години. ад/ир

 

Фото: Театар „Јордан Х К Џинот“ Велес

Остани поврзан