• сабота, 23 ноември 2024

Во Велес јубилеен 60. Државен натпревар на млади техничари и природници

Во Велес јубилеен 60. Државен натпревар на млади техничари и природници

Велес, 9 април 2023 (МИА) - Околу 300 ученици заедно со своите наставници од голем број училишта од земјава во просториите на ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес денеска имаа можност да ги покажат своите вештини во 23 области на техничките и природните науки на Државниот натпревар преку истражувачки проекти во исто толку области.

Народна техника на Македонија со натпреварот одбележа и 77 години од своето постоење. Овој јубилеен натпревар му го посветија на неодамна починатиот свој претседател, велешанецот Зоран Тодоров, кој целиот работен век го посвети на развојот на Народната техника и даде голем придонес за овие натпревари за млади техничари и природници, како и за привлекување на младите кон техничките и природните науки.

Државниот натпревар на младите техничари и природници го организиран  Народна техника на Македонија и Сојузот на клубовите на млади техничари и природници, со поддршка на Министерството за образование и наука. Државниот секретар на Министерството за образование и наука Анета Трпевска го отвори натпреварот, кој го подржа и Општина Велес и ССОУ „Коле Неделковски“, каде и се одржа. На најдобрите во сите 23 области им беа доделени медали и дипломи.

Пере Митрев, директор на Народна техника на Македонија појасни дека со најдобрите во сите области годинава ќе одржат и бесплатни школи и додаде оти се залагаат како и лани и годинава да ги однесат на Меѓународни и светски натпревари. Лани најдобрите средношколци млади истражувачи учествувале на Меѓународен натпревар за млади истражувачи за Југоисточна Европа и освоиле пет награди.

Весна Стојанова Богоевска, директор на ССОУ „Коле Неделковски“ изрази задоволство што се домаќини на овој голем натпревар. - Ова беше 60 јубилеен државен натпревар, во кој денеска се собраа најдобрите млади умови од целата држава. Беше фасцинантно. Воодушевена сум од нивната креативност, од желбата којашто ја имаат да напредуваат во овие науки и сето тоа го прават самоиницијативно под закрила на нивните ментори и на Народна техника, појасни Стојанова Богоевска.

Таа потенцира дека овие натпревари за младите од земјава се многу важни. Порача дека  треба да продолжат и понатаму, а наставниците и надлежните треба да изнајдат начин да ги мотивираат учениците да учествуваат во вакви натпревари. ад/мд/

 Фото: МИА

Остани поврзан