• недела, 24 ноември 2024

Во Велес одбележани 75 години од смртта на народната хероина Мирка Гинова

Во Велес одбележани 75 години од смртта на народната хероина Мирка Гинова

Велес, 26 јули 2021 (МИА) - Со положување на букети цвеќе и евоцирање спомени, денеска пред споменикот на Мирка Гинова, спроти велешката гимназија, Здружението за заштита на човекови права на прогонетите од Eгејскиот дел „Ѕвезда“ ја одбележа 75-годишнината од смртта на народната хероина.

Настанот се одржа кај спомен плочата со имињата на 105 доброволци учесници во граѓанската војна во Грција, со што им беше оддадена почит и на нив и воедно се одбележа 74-годишнината од Граѓанската војна во Грција во која многу Македонци учесници ги положија своите животи.

За Мирка Гинова свој расказ прочита Јованка Маркоска, по потекло од Егејска Македонија, чиј 20-годишен брат, исто така, бил меѓу загинатите борци и чие име е запишано на спомен плочата во Велес.

- Во нејзиниот подвиг, како борец на ДАГ е ненадминат и достоен за слава. Се грчеше земјата во Ениџе Вардар, се грчеше цел мирољубив свет, кога на 26 јули 1946 година клетникот го пронижа младиот живот, кога и на судењето таа достоинствено повторувала дека е раководител на НОФ, пронижана со куршумите од построениот вод, таа се спротивставила и во тој кобен миг пеејќи ја интернационалата. Мирка Гинова, учителка и храбар борец е икона во македонската историја, нагласи Маркоска.

Во изјава за медиумите, Бошко Божиков од здружението „Ѕвезда“, потсети дека наши сограѓани од Егејскиот дел, понесени од идејата за остварување на човекови права, се приклучуваа во Демократската армија на Грција.



- Тие ја прифатиле идејата бидејќи со векови тежнееле за остварување на правата. На овој споменик се запишани имињата на борци доброволци чии семејства доживеале тортура, потсети Божиков.

Тој дополни дека никој не го знае точниот датум кога загинале борците за време на Граѓанската војна, па затоа Здружението за заштита на човекови права на прогонетите од Егејскиот дел „Ѕвезда“ од Велес, има одлучено денот за чествување да биде 26 јуни, кога е погубена народната хероина Мирка Гинова.

Денеска, пред спомен одбележјето на Мирка Гинова свежо цвеќе положија Здружението за заштита на човекови права на прогонетите од Егејскиот дел „Ѕвезда“, претставици од здружението „Егеј“ од Штип, Здружението „Свети Герман“ од Скопје, Здружението „Ѕвездата од Кутлеш“ , Форумот за човекови права од Скопје, претставници од општините Велес, Чашка и Градско, Здружението на борците од НОВ на Велес, како и членови на семејствата на загинатите борци. ад/ар/

Остани поврзан