• среда, 25 декември 2024

Во Велес донаторски настан „Математиката е игра каде поимите се правила, а броевите се играчите“

Во Велес донаторски настан „Математиката е игра каде поимите се правила, а броевите се играчите“

Велес, 24 ноември 2024 (МИА) – Во организација на Здружението на математичари - Велес како дел од  кампањата „Денови на донирање“ во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“, спроведуван од Конект со поддршка на Општина Велес, вчера се одржа донаторски настан под мотото „Математиката е игра каде поимите се правила, а броевите се играчите“.

Како што информира денеска за МИА професорката Мира Ташкова од Здружението на математичари - Велес, во  игрите беа вклучени стотина ученици од сите основни и средни училишта од општината, како и учениците од Општина Чашка, со нивните родители и наставници.

Таа потенцира дека целта им е како здружение да дадат придонес за популаризацијата на математиката во нашата општина и да го  зголемат интересот кај учениците за неа.

-Учениците се дружеа, учеа и забавуваа во периодот од два часа со математичките игри и досетки што ги подготвија нивните наставници, а во исто време ја развиваа љубовта кон математиката, како една од нашите цели, информира професорката Ташкова.

Инаку Здружението на математичари - Велес, кое е  основано во далечната 1989 година како Друштво на математичари на Општина Велес, а потоа  и како здружение, има поголем број на активности: математички квизови, одбележување на Меѓународниот ден на математиката и Денот на бројот Пи, работилници, натпревари, но за првпат спроведоа акција од овој тип.

-Вчерашниот настан имаше донаторски карактер и целта е собраните средства да се искористат за нашите математички таленти, овој пат за еднодневна научна екскурзија во Скопје и посета на Природно – математичкиот факултет и Планетариумот – МКЦ, информира професорката Ташкова.

Настанот, додаде, побуди голем интерес кај учениците и би сакале да имаме и други вакви настани и доколку успееме да организираме и летни кампови за учениците од нашата општина каде тие сите заедно ќе учат и ќе се забавуваат под менторство на нивните наставници.ад/вј/

Фото: Здружение на математичари на Општина Велес

Остани поврзан