• четврток, 19 декември 2024

Во Велес викендов гореше уште еден контејнер за смет

Во Велес викендов гореше уште еден контејнер за смет

Велес, 24 јануари 2022 (МИА) - Несовесен граѓанин во саботата предизвикал пожар во контејнер за смет од 5 метри кубни на улицата Васил Главинов во Велес, при што настанала и експлозија на плинска боца. Итно беше повикана Противпожарната екипа и пожарот за кратко време беше локализиран, информираа денеска од ЈКП „Дервен“. Настанот за МИА го потврдија и од Територијалната Противпожарна Единица од Велес.

-За среќа немаше повредени. Ги замолуваме граѓаните, заради своја и безбедност на другите граѓани во контејнерите за смет да не фрлаат пепел од огништата, затоа што ќе се запали сметот што е во нив. Воедно, во сметот од домаќинствата често има и предмети кои во контакт со оган може да предизвикаат опасност по човечки животи, потенцираат од ЈКП „Дервен“.
 
Тие информираат дека освен обичните, честопати горат и новите подземни контејнери за смет во градот, а се предизвикува и голема материјална штета бидејќи внатрешените вреќи за смет се многу скапи.

Од ТППЕ Велес исто така информираат дека во текот и на оваа грејна сезона на повеќе локации во градот, досега имало запален контејнер за смет, поради тоа што несовесни граѓани фрлиле неизгасната жар, а тие морале итно да интервенираат.

Воедно, потсетуваат дека во сметот во контејнерите често има предмети кои во контакт со оган може да предизвикаат пожар со несогледливи последици и да предизвикаат опасност по животите на граѓаните како и напуштени животни скитници кои пребаруваат по ѓубриштата.

Според информацијата од ТППЕ Велес, лани во Велес биле запалени 20 контејнери со смет.ад/бт/

Остани поврзан