• петок, 27 декември 2024

Во Брисел се одржува прв Самит на МААЕ

Во Брисел се одржува прв Самит на МААЕ

Брисел, 21 март 2024 (МИА) – Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска во Брисел ќе одржи прв Самит, на кој ќе учествуваат делегации од 30 држави, претставници на индустријата,директори на истражувачки центри, експерти и претставници на невладиниот сектор.

На Самитот на МААЕ ќе биде истакната улогата на нуклеарната енергија во намалувањето на употребата на фосилни горива, зајакнувањето на енергетската безбедност и поттикнувањето на економскиот развој.

Со самитот ќе претседаваат генералниот директор на МААЕ, Рафаел Мариано Гроси и премиерот на Белгија, Александар де Кро.

- Самитот за нуклеарна енергија ќе биде можност за сите лидери учесници да ги споделат своите ставови за улогата што нуклеарната технологија мора да ја игра и ќе ја игра во наредните години, во исполнувањето на целите за декарбонизација што заеднички ги поставивме, наведе де Кро.

Се очекува на крајот на Самитот да биде усвоена Декларацијата за нуклеарна енергија, а планирано е да се одржат и четири панел дискусии на кои ќе се разговара за тоа како иновациите дополнително ја зголемуваат конкурентноста, употребливоста и одржливоста на нуклеарната енергија, за воспоставување на еднакви услови за финансирање на нуклеарната енергија, како и напредок во нуклеарната технологија за производство на енергија.

Самитот доаѓа по историското вклучување на нуклеарната енергија во Глобалната анализа договорена на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП28) во Дубаи минатиот декември, која повика на забрзување на нејзината употреба заедно со другите извори на енергија со ниска содржина на јаглерод. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан